ФИРМА ОД СТРУМИЦА ЌЕ ЈА СНАБДУВА ВЛАДАТА СО БИНИ, ОЗВУЧУВАЊЕ И ДРОНОВИ ВО СЛЕДНИТЕ ДВЕ ГОДИНИ ЗА РЕЧИСИ МИЛИОН ЕВРА

    ФИРМА ОД СТРУМИЦА ЌЕ ЈА СНАБДУВА ВЛАДАТА СО БИНИ, ОЗВУЧУВАЊЕ И ДРОНОВИ ВО СЛЕДНИТЕ ДВЕ ГОДИНИ ЗА РЕЧИСИ МИЛИОН ЕВРАПремиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на Денот на независноста во Скопје. (Фото: Влада)

    Генералниот секретаријат на Владата склучи договор вреден 59 милиони денари со ДДВ, или околу 960.000 евра, за изнајмување и ракување со опрема за симултан превод и аудио-видео поддршка за настани во следните две години. Откако СДСМ и Левица реагираа за набавката, тврдејќи дека станува збор јавна набавка за партиска кампања, од Владата соопштија дека станува збор за рамковна спогодба која е потранспарентна и финансиски поповолна од договорите што ги склучувала претходната власт.

    Според известувањето објавено на Бирото за јавни набавки, договорот е склучен на 4 септември со фирмата „СМ АРТ ВИЗ АРТ ДООЕЛ“ од Струмица, која била избрана на отворен повик за јавна набавка, на кој што се пријавиле вкупно четири фирми. Конечната вредност на склучениот договор е 50 милиони денари без ДДВ, што е идентично со проценетата вредност на набавката.

    Предметот на набавката, „Изнајмување и ракување со опрема за симултан превод и аудио и видео поддршка на настани во опрема во внатрешен и надворешен простор“, опфаќа широк спектар на услуги и опрема. Според спецификацијата, дел од ставките кои фирмата треба да ги обезбеди вклучуваат:

    • Системи за озвучување за затворен и отворен простор
    • Безжични и жичани микрофони
    • Опрема за осветлување како рефлектори и интелигентни светлечки тела
    • Видео ѕидови за внатрешна и надворешна употреба
    • Метални конструкции и бини
    • Кабини и опрема за симултан превод
    • Видеокамери, фотоапарати и дронови
    • Дим машина за подобрување на светлосни ефекти
    • Помошна опрема како шатори, маси и столици за потребите на настаните

    Од Владата ги отфрлуваат обвинувањата од опозицијата како „инсинуации и конструктивни лаги“ пласирани поради, како што велат, „безидејност и политичка немоќ“.

    „Станува збор за јавна набавка која со години наназад се спроведува, разликата е што денес се спроведува во согласност со законските процедури и принципите на јавна транспарентност. Набавката е склучена за изнајмување и ракување со опрема на временски период од две години, што значи дека исплатата ќе се врши исклучиво врз основа на реализацијата, а не однапред фиксирана сума“, велат од Генералниот секретаријат.

    Оттаму направија и споредба со претходната влада на СДСМ и ДУИ.

    „За споредба, во 2023 година Владата на СДСМ и ДУИ склучила договор на ист временски период во вредност од 30.000.000 денари без ДДВ, и тоа без рамковна спогодба, со што обврската кон буџетот била однапред целосно преземена. Ова се факти кои го разобличуваат лицемерието и двојните стандарди на оние кои денес се обидуваат да креираат афера таму каде што ја нема“, се додава во владиното соопштение.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира