ФИРМИТЕ И ФИЗИЧКИТЕ ЛИЦА ЌЕ МОЖАТ ДА КУПУВААТ НЕДВИЖНОСТИ И ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ ВО СТРАНСТВО

    ФИРМИТЕ И ФИЗИЧКИТЕ ЛИЦА ЌЕ МОЖАТ ДА КУПУВААТ НЕДВИЖНОСТИ И ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ ВО СТРАНСТВОНБРМ предупредува дека инвестирањето на странските финансиски пазари треба да се темели врз бројни информации. - Гувернерката на НБРМ Анита Бежоска (Фото: СДК.МК)

    Правните и физичките лица ќе можат да вложуваат во недвижности и хартии од вредност во странство, соопшти Народна банка на Македонија. Ова е овозможено со преминување на земјата во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

    „На 25 јануари годинава стапи во сила ’Одлуката за премин во втората фаза на асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините земји членки‘. Преминот кон втората фаза од ССА овозможува не само поголеми инвестициски можности за физичките и правните лица, туку и поголем степен на интеграција на домашниот финансиски пазар со меѓународните финансиски пазари. Се олеснува и издавањето и регистрирањето странски хартии од вредност во земјава, како и на домашни хартии од вредност во странство“, се вели во соопштението од НБРМ.

    НБРМ предупредува дека инвестирањето на странските финансиски пазари треба да се темели врз бројни информации.

    „Се претпоставува дека резидентите, а особено физичките лица што ќе се одлучат да инвестираат во странство, дека се добро информирани за потенцијалните ефекти од нивните одлуки, дека имаат формирано јасни очекувања за приносите и степенот на ризичност, како и дека се запознаени со своите даночни обврски. Треба да се имаат предвид обврските што произлегуваат од Законот за девизно работење кои се однесуваат за регистрирањето и известувањето за трансакциите“, соопшти НБРМ.

    Забраната за отворање сметки на правни и физички лица во странски банки и натаму останува во примена, велат од НБРМ и напоменуваат дека исклучок е од тоа се случаите предвидени со Одлуката за начинот и условите под кои резидентите кои што не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира