ФИРМИТЕ КОИ РАБОТЕЛЕ ПОД БРЕНДОТ „АВАЛОН“ НЕ ЗАТАЈУВАЛЕ ДАНОК, ТВРДАТ ОД ПРОДУКЦИЈАТА

    ФИРМИТЕ КОИ РАБОТЕЛЕ ПОД БРЕНДОТ „АВАЛОН“ НЕ ЗАТАЈУВАЛЕ ДАНОК, ТВРДАТ ОД ПРОДУКЦИЈАТА„Почнати се проверки на фирмите на Авалон. Наша задача е да влеземе во сметководствата и книговодствата на овие фирми да ја констатираме состојбата и ако утврдиме даночно затајување, ние самите да поднесеме кривична пријава или за тоа да го известиме Јавниот обвинител на ОЈО Скопје“, изјавија од Финансиската полиција за САКАМДАКАЖАМ.МК. - Принтскрин од текстот објавен на 10 мај

    „Авалон продукција“ вели дека фирмите и одговорните лица во фирмите кои работеле под овој бренд не затајувале данок ниту пак работеле неодговорно и досега не постоело било какво сомневање или постапка за затајување на данок во дописот до редакцијата САКАМДАКАЖАМ. МК, насловен како Демант, во врска со текстот „Алаѓозовски ѝ одобри 100.000 евра на „Авалон“, па ја пријави на Финансиска полиција“.

    Во текстот, објавен на 10 мај, се вели дека Финансиската полиција отворила предистражна постапка под сомневања за големи суми даночно затајување од страна на фирмите ќерки на „Авалон продукција“, а предистрагата е отворена по пријава на случајот од министерот за култура Роберт Алаѓозовски, откако Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) ги документирало правосилните судски пресуди со кои фирмите на „Авалон“ со години не плаќале за авторски права.

    „АВАЛОН ПРОДУКЦИЈА е бренд кој е основан и работи од 1993 година. Како бренд, АВАЛОН ПРОДУКЦИЈА одлучува со кое трговско друштво односно со која фирма ќе работи и склучува договори или поточно, која фирма ќе го користи брендот АВАЛОН ПРОДУКЦИЈА бидејќи брендот нема сопствен правен субјективитет. Во ваквото постапување нема ништо сомнително ниту противзаконито туку напротив, така функционира работењето со сите брендови тука, а и секаде во целиот свет.

    Постои и треба да се прави разлика помеѓу правниот субјект- фирмата која работи и презема права и обврски кон други правни субјекти и кон државата и трговската марка АВАЛОН ПРОДУКЦИЈА која се користи поради разни економски и маркетинг цели во областа на букингот низ целиот Балкан и впрочем работи со разни фирми низ целиот Балкан.

    Сепак, истакнуваме дека фирмите и одговорните лица во фирмите кои работеле под овој бренд не затајувале данок ниту пак работеле неодговорно и досега не постоело било какво сомневање или постапка за затајување на данок. Од текстот не може докрај јасно да се утврди дали Финансиската полиција ќе постапува поради сомневање за некакво даночно затајување или поради неплатени долгови меѓу два правни субјекти, ЗАМП и САМООРГАНИЗАЦИЈА ДООЕЛ Скопје што е надвор од нивната надлежност. Треба да се прави разлика помеѓу непријавување и затајување данок и неможност за плаќање на долг од страна на приватна фирма кон здружение на граѓани.

    САМООРГАНИЗАЦИЈА ДООЕЛ Скопје, за која неточно во текстот е наведено дека е ’згасната‘, во моментот не може да постапи по пресуда со која на ЗАМП и се досудени парични средства од авторски права затоа што истата има ненаплатени побарувања од свои должници за што води одделни судски постапки. Правните односи меѓу ЗАМП и САМООРГАНИЗАЦИЈА ДООЕЛ немаат никаква допирна точка ниту со кривичното дело Даночно затајување ниту со доделувањето на субвенции од страна на Министерството за култура, кои се дадени заради остварување на проекти на АВАЛОН ПРОДУКЦИЈА која пак, како е напоменато погоре, е самостојна да одлучи на која фирма ќе и го додели правото да го користи нејзиниот бренд.

    Делот од текстот во кој е наведено дека ќе се истражувало ’како фирмите кои работеле под брендот ’Авалон‘ добивале пари, а не ги подмирувале обврските кон ЗАМП‘ укажува на непознавање на регулативата, мешање на поими и институции и изедначување на долгот кон ЗАМП со долг кон Буџетот што е недозволиво“, се вели во дописот од адвокатското друштво кое што ја застапува „Авалон продукција“.

    Од „Авалон“ велат и дека „предкривичната постапка согласно Законот за кривична постапка е тајна и дека државните органи и медиумите треба внимателно да постапуваат во услови кога воопшто не е изграден никаков степен на сомневање, со цел да не дојде до несакани нарушувања на угледот кога се што ќе се утврди од испитувањето нема да резултира ниту со покренување на истрага ниту со формално отворање на било каква кривична постапка“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира