АЛАЃОЗОВСКИ Ѝ ОДОБРИ 100.000 ЕВРА НА „АВАЛОН“, ПА ЈА ПРИЈАВИ НА ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА

    АЛАЃОЗОВСКИ Ѝ ОДОБРИ 100.000 ЕВРА НА „АВАЛОН“, ПА ЈА ПРИЈАВИ НА ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈАОд извори во Министерството за култура дознаваме дека за годишниот проект за музичко – сценски настапи „Авалон“ конкурирала со „Самоорганизација“, а 100-те илјади евра пари од буџетот за „25 години Авалон продукција“ добила „Самоорганизација букинг“; - Министерот Роберт Алаѓозовски (Фото: Влада на РМ)

    Финансиската полиција отвори предистражна постапка под сомневања за големи суми даночно затајување од страна на фирмите ќерки на „Авалон продукција“, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Оваа предистрага е отворена по пријава на случајот од министерот за култура Роберт Алаѓозовски, откако Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) ги документирало правосилните судски пресуди со кои фирмите на „Авалон“ со години не плаќале за авторски права по бројните концерти на домашни и странски музичари и автори и ги однело во Министерството за култура. Вкупната сума што ја должеле овие фирми со судски пресуди досега е стасана до 150 илјади евра.

    Авалон продукција претходните две години добила 21 милион денари од Министерството за култура преку фирмата „Самоорганизација ДООЕЛ Скопје“.

    „Да, предметот од Министерството за култура е примен и архивиран во Управата за финансиска полиција на Република Македонија во март 2018 година. Отворена е предистражна постапка. Според нашата надлежност, почнати се проверки на фирмите на Авалон, од основната, формирана во 1998 година, која не била под ова име, преку Авалон продукција и до сите останати фирми – ќерки кои биле низ годините отворани и згаснувани со носење во стечај, ликвидација, или биле трансформирани. Наша задача е да влеземе во сметководствата и книговодствата на овие фирми да ја констатираме состојбата и ако утврдиме даночно затајување, ние самите да поднесеме кривична пријава или за тоа да го известиме Јавниот обвинител на ОЈО Скопје“, велат во Финансиската полиција.

    Финансиската полиција ќе открива дали со цел да се избегне плаќање на даноци и да ги скрие незаконските дејности, раководството на една фирма на „Авалон“ отвора нова (фирма – ќерка), по што ја затвора старата (фирмата – мајка), а притоа цело време ја работи истата дејност. Законски е истовремено да работат и фирмата мајка и фирмите ќерки, а не само ќерката, објаснуваат од Финансиската полиција. Укажуваат дека има фирми со исто име и со иста дејност што работат и по 25 години.

    Од шест такви фирми – ќерки на „Авалон“, според документацијата што ја предал ЗАМП во Министерството за култура, а која сега е пред истражителите во Финансиската полиција, последната е отворена во март лани и се вика „Самоорганизација букинг“. Претходната што е веќе згасната, се викала „Самоорганизација“. Од извори во Министерството дознаваме дека за годишниот проект за музичко – сценски настапи Авалон конкурирала со „Самоорганизација“, а 100-те илјади евра пари од буџетот за „25 години Авалон продукција“ добила „Самоорганизација букинг“, што се припишува како превид на членовите кои одлучувале кој ќе ги земе најголемите пари на конкурсот. Членовите се надворешни и не се вработени во Министерството за култура, па Алаѓозовски не можел да покрене дисциплинска постапка. Парите од Министерството за култура не се исплатени, додека не се изјаснат истражните органи.

    Според информациите на сајтот на Министерството за култура, членови на комисијата за музичко и музичко-сценска дејност биле:  Васо Ристов (претседател), професор на Факултетот за музичка уметност кој во март стана селектор на музичката програма на Охридско лето, пијанистката во Македонската филхармонија Маријана Николовска и Рами Мустафа.

    „Авалон“ или „Авалон продукција“ со години наназад не постои како правен субјект. Субвенциите од државата ги добивале фирмите со различни имиња. Новите фирми не биле отворани како правни наследници на претходните, за да не ги преземат обврските и долговите.

    Ќе се истражува и како, колку и по кои критериуми години наназад фирмите на „Авалон“ добивале пари, односно субвенции од државата кои достигнувале и до 200 илјади евра, кога постојано Министерството за култура добивало претставки дека овие фирми не си ги подмируваат обврските кон ЗАМП и со носењето во стечај, практично и не може доверителите да си ги наплатат побарувањата никако.

    Оттаму, во Финансиската полиција потврдуваат дека покрај сомневања за даночно затајување, ќе се испитува и евентуална злоупотреба на службената положба и овластувањата на раководните функционери во Министерството за култура.

    Треба да се знае дека со добивањето на средства од Министерството, овие фирми автоматски биле ослободени и од ДДВ обврската на приходот од влезни билети, што им овозможувало дополнителна заработувачка.

    За неплатените обврски кон ЗАМП, Финансиската полиција вели дека не може ништо да стори и оти тоа по законот треба да оди преку извршител. Но, ако во предистражната постапка се утврди дека навистина фирмите биле носени под стечај и згаснувани, ни извршителот нема од каде да наплати, велат соговорниците.

    САКАМДАКАЖАМ.МК на 12 февруари испрати повеќе прашања до Министерството за култура, меѓу кои и тоа дека откако приватната компанија „Авалон“ доби најмногу пари за одбележување на својот јубилеј, дали концертите што ги поддржа министерството ќе бидат бесплатни за публиката.

    Од кабинетот на Алаѓозовски тогаш ни одговорија дека средствата што ѝ се доделени на оваа продукција не се за одбележување на нејзиниот јубилеј, туку за организирање на 25 музички настани со врвен квалитет и гостувања на светски имиња од областа на музиката.

    „Всушност, сумата што е доделена од Министерството претставува само 7.5 отсто од буџетот на Министерството за музичко-сценската дејност, а вкупно околу 10 отсто од трошоците на ‘Авалон продукција’ за реализација на овие настани. Средствата од Министерството се наменети за основни продукциски трошоци и за покривање на дел од хонорарите на ангажираните изведувачи, а другите средства ги обезбедува самата продукциска куќа. Министерството за култура учествува со само околу 10 отсто во вкупните трошоци за реализирање на 25-те концерти на ‘Авалон продукција’. Поддршката од Министерството всушност овозможува цената на билетот да биде пониска од вообичаената цена за истиот концерт во други земји со повисок стандард и да биде усогласена со стандардот на нашите граѓани“,одговорија од Министерството за култура во февруари годинава.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира