Аптеките овој месец ќе добијат 15 милиони денари плус за лекови на рецепт, најави денес директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев.
Тој кажа дека овој месец аптеките многу рано ги потрошиле квотите и дека на тоа најголемо влијание има поставеноста на системот, според кој два пати годишно се прави порамнување, еднаш во септември, а еднаш во март.
„Имајќи ги предвид потребите на граѓаните Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување донесе итна одлика со која квотите на аптеките ќе се зголемат за 15 милиони денари, односно овие пари линеарно ќе се поделат на 780 аптеки кои имаат договор со Фондот. Оваа одлука стапува во сила веднаш“, кажа Дончев.
Тој смета дека системот на квоти за лекови на товар на ФЗОМ, кој е воведен во 2010 година е лошо поставен бидејќи, на аптеките им дозволува да ја надминат квотата за 10 отсто во првите пет месеци од шестмесечието, а шестиот месец се прави порамнување.
„Сметано од октомври наваму аптеките ги надминувале квотите месечно од 3 до пет отсто и во март кога се прави порамнувањето, тие самите ги намалуваат квотите за 5 до 25 отсто и затоа уште во првата половина на месецот ги потрошија квотите на лекови на позитивната листа“, рече Дончев.
Според него на зголемената потрошувачка на лекови и на квотите овој месец влијае и тоа што сè уште трае сезоната на грип и настинки, а не ја исклучи и можноста дел од аптеките да прават и злоупотреби.
„Системот е така поставен што во рамки на иста квота за повеќе реализирани рецепти една аптека може да добие поголем надомест од Фондот. Може да се случи дел од аптеките повеќе да издаваат од поевтините лекови кои се на рецепт, а да не ги издаваат поскапите лекови на рецепт, за да добијат поголем надомест. Од вкупно реализираните рецепти лани најпродавани се двата најевтини лека, а тие се еналаприл и дијазепам. Во вкупната потрошувачка на лекови од позитивната листа учествуваат со 13,9 отсто, односно издадени се 3,2 милиони рецепти за овие два лека“, кажа Дончев.
Покрај финансиската помош за аптеките овој месец, тој кажа дека во тек е ревизија на правилникот за распределба на квоти, и дека анализираат дали може да се промени месец март како месец за порамнување на квотите.
„Планираме да направиме нова и поправична распределба на квотите меѓу аптеките, а со воведување на интегриран електронски здравствен систем, што ќе се случи наредните две до три години, во реално време ќе имаме податок колку рецепти се издадени и колку се реализирани, бидејќи во една дата база ќе бидат поврзани сите здравствени установи, аптеките и Фондот“, рече Дончев.
За ова година за лекови на рецепт од Буџетот на ФЗОМ се одвоени 2,8 милијарди денари или 100 милиони денари повеќе од лани, а во 2010 година 1,8 милијарди денари ФЗОМ платил за лекови на рецепт.
Е. БОЧВАРОСКА