Фоторепортерот на САКАМДАКАЖАМ.МК Ѓорѓи Личовски е меѓу годинашните добитници на новинарската награда „Никола Младенов“. Тој е награден во категоријата најдобра репортерска фотографија за фотографијата „Ловец на метеори“, објавена во германскиот магазин „Штерн“.
Tимот новинари од емисијата „КОД“ ја доби првата награда за најдобра истражувачка сторија за серијалот приказни за тендерите во енергетскиот сектор, објавени на телевизијата „Телма“. Истражувањето на „КОД“ обелодени сериозно коруптивно постапување на државните институции при спроведување тендери и набавки во енергетскиот сектор во милионски износи.
Втората награда за најдобра истражувачка сторија ја доби новинарот Петар Клинчарски за серијалот текстови за Државна лотарија објавени на веб-порталот на „Радио Слободна Европа“. Тимот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја доби третата награда за најдобра истражувачка сторија за истражувањето „Украдени животи“.
Наградата за најиновативен новинарски производ ја подели тимот на ИРЛ за новинарскиот проект „Мобилна редакција: Кичево“ и новинарките од емисијата „КОД“, Марија Митевска и Снежана Лупевска-Созен, за видеосторијата за грабнувањето и убиството на малата Вања.