ГАШИ ГО КРИЕШЕ ВО ФИОКА ЗАКОНОТ ЗА БРАНИТЕЛИ ДВА И ПОЛ МЕСЕЦИ, А МИЦКОСКИ ТРЕБА ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ОПОЗИЦИСКИОТ ФИЛМ, ОДГОВОРИ СЛАВЈАНКА ПЕТРОВСКА НА ОБВИНУВАЊАТА ОД ВМРО-ДПМНЕ И ВРЕДИ

    ГАШИ ГО КРИЕШЕ ВО ФИОКА ЗАКОНОТ ЗА БРАНИТЕЛИ ДВА И ПОЛ МЕСЕЦИ, А МИЦКОСКИ ТРЕБА ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ОПОЗИЦИСКИОТ ФИЛМ, ОДГОВОРИ СЛАВЈАНКА ПЕТРОВСКА НА ОБВИНУВАЊАТА ОД ВМРО-ДПМНЕ И ВРЕДИСлавјанка Петровска положува венец во спомен на 80-годишнината од смртта на народниот херој Кузман Јосифовски – Питу во тетовската касарна на 27 февруари. (Фото: МО)

    Пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска вели дека измените на Законот за бранители се поднесени на почетокот на јули и тие се најдоа на дневен ред на собраниска седница дури сега, бидејќи, како што кажа таа, собранискиот спикер Африм Гаши го криел во фиока два и пол месеца.

    Петровска денеска беше обвинета од премиерот Христијан Мицкоски дека го поднела Законот за бранители за да создава етнички тензии, а не затоа што им мисли добро на бранителите. Од коалицијата Вреди, исто така, обвинија дека законот е провокација од страна на СДСМ и ДУИ.

    Поранешната министерка за одбрана на овие обвинувања одговара дека меѓуетничките тензии не ги подгрева предложениот закон, туку таканаречените политичари кои не гледаат подалеку од својот џеб, а за Мицкоски рече да излезе од опозицискиот филм и да почне сериозно да се однесува.

    „Законот е поднесен на почетокот на јули, поточно на 1 јули 2024 година. Вистинското прашање е зошто Гаши, коалицискиот партнер на Мицковски го криеше во фиока два и пол месеци и дури сега го стави на дневен ред? Меѓуетничките тензии не ги подгрева предлог законот, туку таканаречените политичари кои не гледаат подалеку од својот џеб. Очекувам на седницата на комисијата и на пленарната седница да дискутираме за предлог законот, а не за теории на заговор. Власта конечно нека излезе од опозицискиот филм и нека почне сериозно да се однесува“, вели Петровска во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Северна Македонија и на членовите на нивните семејства, поднесен од пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска, е ставен на дневен ред на денешната собраниска седница како 31. Точка.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира