Претседателот на Собранието Африм Гаши ноќеска е задржан на болничко лекување на Клиниката за дигестивна хирургија, откако дошол со силни болки во стомакот.
Како што за порталот „Скопје1“ изјавиле од Клиниката, се работи за дијагноза преплетување на цревата, за која засега собранискиот спикер не е опериран.
Гаши на средбата со новинарите во понеделникот одговараше на прашања, беше во добра здравствена состојба, но ослабен.
За вториот човек во државата, од Клиниката за дигестивна хирургија не даваат изјави. Не се знае ни колку ќе се задржи, а ни кога ќе се врати на работа, со оглед на тоа дека најави на почетокот на август дека ќе ги распишува изборите.
За моменталната здравствена состојба на Гаши сè уште нема официјална информација ни од Собранието.