Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска во Атина имаше средба со грчкиот колега Јоргос Герапетритис, за која кажа дека била одлична и конструктивна и дека разговарале за унапредување на билатералните односи. Герапатридис, пак, рече дека Грција инсистира на доследна примена на Преспанскиот договор.
„Дозволете ми да ја подвлечам важноста на целосна, конзистентна и во добра волја имплементација на Преспанскиот договор, вклучително и ерга омнес (за севкупна употреба) користење на уставното име на земјата“, изјави Герапетритис на заедничката прес-конференција по средбата.
Муцунски вели дека во фокусот на средбата бил и „нашиот евроинтегративен пат’.
„Разговаравме за билатералната и регионалната соработка, унапредувањето на политичките и економските односи меѓу двете земји, потенцијалот за нови инвестиции и проширување на енергетската соработка. Во фокусот беше и нашиот евроинтегративен пат. Солидарноста, партнерството и меѓусебната почит се темел за посилни врски. Заеднички ја потврдивме посветеноста на понатамошно унапредување на односите, важноста од почитување на меѓународното право, партнерството во рамките на НАТО и соработката во мултилатералните организации“, напиша Муцунски на социјалните мрежи.
Од македонска страна била изразена и благодарност за солидарноста што Грција ја покажала за време на неодамнешните вонредни состојби во Кочани и Дојран.
„Тоа не беа само гестови на помош, туку вистински дела на пријателство“, кажа Муцунски.