Министерот за здравство ѝ одговори на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) дека разрешувањата на медицинските директори на Клиниката за државна кардиохирургија д-р Данил Петровски и на Клиниката за токсикологија д-р Марјан Шокаровски биле поради пропусти во нивната работа.
Комисијата на 10 јуни соопшти дека Демири неосновано ги разрешил медицинските директори.
Комисијата констатираше дека со двете одлуки на министерот се прекршени Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси и Законот за здравствена заштита. Повреден е и Изборниот законик со оглед на тоа што во двата случаја директорите биле разрешени со решенија донесени (од 14 мај односно 27 мај) пред усвојувањето на заклучокот за завршување на изборите за пратеници во Собранието од 30 мај 2024.
„Поранешниот медицински директор на Клиниката за кардиохирургија е разрешен од позицијата медицински директор поради прекршување на законските нормативни, во Република Северна Македонија оперирале лекари од Србија кои немале соодветна лиценца и ред други прекршоци. Сите податоци со кои располагаме ги пријавивме во Јавното обвинителство за да го истражи овој случај. Претходниот медицински директор од Клиниката за токсикологија и еден од лекарите беа разрешени поради несовесно работење во целиот изминат период. Клиниката имала согласности за продолжување на договорите за работа на 18 лица, но не постапил. Неколку месеци овие лица оделе на работа, а не земале плата за својот труд. Ангажираните трпеле закани и омаловажувања на национална основа за што истите доставија писмо со изјави за секојдневните навредувања од страна на директорот и од лекарот. И за овој случај чекаме јавното обвинителство да постапи. Би сакал да ја информирам Државната комисија за спречување корупција дека обврска на министер е безбедноста на пациентите и безбедноста на сите вработени во јавното здравство“, рече Демири.