ГО ПОНИШТИВМЕ РЕШЕНИЕТО ЗА ПАРКИНЗИ ЗА „ПУЛС“ КОГА СЕ ДОЗНА ДЕКА ЌЕ БИДЕ ДИСКОТЕКА, А МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЕКОНОМИЈА НЕ МУ ОДГОВОРИ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ДАЛИ Е ИЗДАДЕНА ЛИЦЕНЦА, СВЕДОЧИ ГРАДЕЖЕН ИНСПЕКТОР

    ГО ПОНИШТИВМЕ РЕШЕНИЕТО ЗА ПАРКИНЗИ ЗА „ПУЛС“ КОГА СЕ ДОЗНА ДЕКА ЌЕ БИДЕ ДИСКОТЕКА, А МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЕКОНОМИЈА НЕ МУ ОДГОВОРИ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ДАЛИ Е ИЗДАДЕНА ЛИЦЕНЦА, СВЕДОЧИ ГРАДЕЖЕН ИНСПЕКТОРСопственикот на дискотеката „Пулс“ Дејан ЈОванов на судење во Идризово. (Фото: СДК.МК)

    Адвокатите на 35-мината обвинети секој за личен придонес за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс” во Кочани, на денешното рочиште се согласија Обвинителството од 10 предложени, да повлече само 4 негови сведоци.

    Дел од обвинетите обезбедувачи таа вечер кога се запали нискиот сунѓерест и пластичен плафон и загинаа 63 млади луѓе и деца, инсистираа некои од планираните сведоци да останат да сведочат колку многу животи спасиле по пожарот.

    Но, вишиот обвинител Дарко Јакимовски ги потсети овие обвинети дека тоа што тие спасувале по пожарот, не ги амнестира од одговорноста дека придонеле за тој пожар, за загинување на 63 лица и на повредување на над 230 гости, исто така млади луѓе и деца.

    „За Обвинителството не е спорно да се прочитаат сите искази кои потврдуваат дека сте спасувале отпосле, како што спасувале и други лица и пожарникари кои настрадале при спасувањето и сега се мртви. Тука сме за другиот дел – за вашата улога во тоа како настанала трагедијата, а не за спасувањето”, рече Јакимовски.

    Сведокот Драги Илијевски, градежен инспектор, раководител, рече дека објектот во кој се случи трагедијата бил во зона за лесна и незагадувачка индустрија. Не бил во зона за домување. На следно прашање на Јакимовски сведокот одговори дека согласно деталниот урбанистички план на Кочани, на индустрискиот објект не била направена пренамена. Додаде дека не ни може да се направи такво нешто.

    „Имаше едно барање за паркинг места од ‘Класик ДМ’, преку Дејан Јованов. Ние одговоривме дека може да се користат паркинг места, за лесна индустрија. Барањето беше пред да стане ‘Класик’ угостителски објект, односно на 3.10.2012 година”, рече сведокот и на барање на Јакимовски, го прочита известувањето со кое се дозволува јавно паркиралиште од 23 возила.

    Сведокот Илијевски одговори дека по одредени сознанија дека таму ќе се прави дискотека, ние решението за дозволените паркинзи за лесна индустрија го поништивме. Известувањето го доставивме до ‘Класик’ и до Дејан Јованов. Натаму, го известивме и Државниот пазарен инспекторат. Тогашниот градоначалник Ратко Димитровски имаше исти такви сознанија, па го праша Министерството за економија на 19.10.2012 година дали е поднесено барање за лиценца и дали е дадена лиценца за дискотека во тој објект. Одговор не добивме! На 6.11. Испратив барање до Пазарниот инспекторат да не се издаде лиценца на ‘Класик ДМ’ за дискотека”, одговараше сведокот.

    Јакимовски продолжи:

    „Дали ви е познато пред да почне да работи дискотеката општината да реагирала и да испратила инспекција по гласините во градот дека ќе се отвора дискотека во индустриските зона и објект?“.

    Сведокот рече дека баш крај тој објект граделе улици, водовод и слично, не забележале дека таму има градежни активности и оттаму не почувствувале потреба за да испратат градежна инспекција.

    Повтори дека по добиените сознанија побарале одговори од Економија и Пазарна инспекција, но повратна информација не добиле никогаш.
    После ова, се повлекле, зашто како градежна инспекција немаат ингеренција тие да инспектираат.

    Сослушувањето на сведоци продолжува, во насока на утврдување на одговорноста на ексградоначалниците, ексминистрите и на поранешни службеници во Министерството за економија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира