Кога одел кај поранешниот градоначалник на Струмица Зоран Заев на средба опремен со камери, сведокот Иван Николов во случајот „Поткуп“, го наведувал обвинетиот Заев да зборува за потребите на МВР и Обвинителството за организиран криминал, кажа пред малку сведокот на судењето.
„Обвинетиот го снимав на закажаната средба во кабинетот на Заев. Првин МВР ме спреми, па потоа отидов на средбата. Како ќе ми наредеше обвинителот, така правев. Откако ја имав таа опрема на себе, јас го терав Заев тој да го каже тоа што го има на снимката”, одговори Николов на прашање на судијката Добрила Кацарска.
Заев и одбраната цело време тврдеа дека се работи за полициски-обвинителска местенка со агент провокатор, за што не постои наредба од обвинител. На нејзини прашања, Николов одговори дека никогаш не ја видел целосната снимка што ја направил од разговорот со Заев и која му ја зеле МВР и Обвинителството и оти никогаш не го дал поткупот.
Заев по судењето рече дека по ова признание на сведокот дека бил инструиран, а што е забрането со закон, очекува кривична одговорност од тие што го сториле делото.
С. К. ДЕЛЕВСКА