Оваа година студентите ќе имаат два дома помалку на располагање поради започнатата реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје и планираната на студентскиот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Министерката беше на увид на градежните работи на „Кузман Јосифовски-Питу“ и рече дека Министерството за образование и наука (МОН) „ќе направи засилени напори да ги смести сите што исполнуваат услови и во останатите домови“, посочувајќи дека на располагање за студентите се и ученичките домови.
Во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје, првиот меѓу државните домови кои етапно ќе се реновираат, во моментов се прави демонтажа на инсталациите, прозорците и вратите. Според изведувачот на градежните зафати, процесот се одвива според планираната динамика и се очекува реконструкцијата да заврши за една и пол година.
Според Јаневска, се прави темелна реконструкција во овој дом која ќе опфати поставување енергетски ефикасна фасада, нови инсталации, санитарии и подови, нов покрив со фотоволтаици и ќе има соби за лицата со попреченост.
„Во исто време, чекаме одобрување од Град Скопје за да почнат теренските активности во студентскиот дом ‘Стив Наумов’ во Автокоманда, и во ист период правиме планови и сѐшто е потребно во однос на документацијата за да бидеме подготвени да продолжиме со реконструкција и на останатите домови. Изведувачите велат дека динамиката е според планот и очекуваме првиот дом да биде завршен најдоцна за година и пол“, кажа Јаневска.
Објектот во центарот на Скопје е изграден пред 66 години, според проектот на професорот Јован Ранковиќ. Проектот се реализира со заем од Германската развојна банка (KtW) од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.
Реконструкцијата ја врши австриската компанија „Штрабаг“.
Б. НЕСТОРОСКА