ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ ТЕЛЕВИЗИЈА СРЕДЕ КОВИД КРИЗА АКО ВЛАСТА ИЛИ УСТАВНИОТ СУД НЕ ГО РЕШАТ ПРОБЛЕМОТ СО ЗАКОНОТ ЗА МЕДИУМИ, ПРЕДУПРЕДУВААТ ОПЕРАТОРИТЕ

    ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ ТЕЛЕВИЗИЈА СРЕДЕ КОВИД КРИЗА АКО ВЛАСТА ИЛИ УСТАВНИОТ СУД НЕ ГО РЕШАТ ПРОБЛЕМОТ СО ЗАКОНОТ ЗА МЕДИУМИ, ПРЕДУПРЕДУВААТ ОПЕРАТОРИТЕOператорите велат дека ќе бидат принудени да ги исклучат телевизиските канали, освен јавниот програмски сервис МТВ, ако не се најде решение до 8 ноември. (Фото: МРТВ/принтскрин)

    Здружението на ИКТ при Стопанската комора на Македонија, каде што членуваат сите оператори, предупредува дека сè уште не е решен проблемот со спорниот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и ако не се реши до 8 ноември, граѓаните ќе останат без телевизиска понуда и информации во време на ковид криза.

    На 8 ноември истекува рокот за пререгистрација на каналите предвиден со Уредбата за измена на Законот донесена во време на вонредна состојба и по истекот на рокот, операторите велат дека ќе бидат принудени да ги исклучат телевизиските канали, освен јавниот програмски сервис МТВ.

    Според нив, решение постои, но е заглавено во институциите. Тие поднеле иницијатива до Уставниот суд во февруари годинава за оценување на уставноста на спорните одредби од законот, за што Уставниот суд сè уште нема донесено одлука, а велат дека постои и друга солуција, а тоа е бришење на спорните членови од Законот.

    „Едната солуција е законското решение да биде изменето, односно да биде избришан членот 143, став 3 и 4. Или втората варијанта е да се прифати нашата иницијатива, која е на разгледување пред Уставен суд. Во спротивно ние по сила на Закон, кој што е стапен во сила и правилниците што ги има донесено Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не сме во можност да ги пререгистрираме странските канали со оние фамозни изјави кои што треба да ги дадат одговорните лица на странските радиодифузери, но и одговорните лица на операторите кои вршат реемитување, што е нон сенс, спротивно на европската пракса“, вели Благој Христов од Здружението на ИКТ при Стопанската комора на Македонија.

    Спорните членови во Законот за медиуми, донесени на почетокот на годинава им наметуваат на операторите обврска да гарантираат за авторските права на странските радиодифузери кои ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Операторите велат дека на тој начин им се наметнува одговорност за туѓи дејствија, што е правно целосно неиздржано, спротивно на Уставот и не постои во ниту една држава во рамките на Европската Унија.

    Доколку наскоро власта и институциите не го решат проблемот, граѓаните ќе останат без телевизиска понуда и информации, велат операторите и додаваат дека тоа е особено загрижувачки во време на ковид криза, кога информациите голем дел од граѓаните ги црпат токму преку телевизиските вести и другите програми.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира