ГРАЃАНИТЕ КОИ СЕ СЛИКАЛЕ ЗА ЛИЧНА КАРТА НАЈМАЛКУ УШТЕ ЕДЕН МЕСЕЦ НЕМА ДА ДОБИЈАТ НОВА, ВО БАНКА ЌЕ ОДАТ СО ЛИВЧИЊАТА ОД МВР

    ГРАЃАНИТЕ КОИ СЕ СЛИКАЛЕ ЗА ЛИЧНА КАРТА НАЈМАЛКУ УШТЕ ЕДЕН МЕСЕЦ НЕМА ДА ДОБИЈАТ НОВА, ВО БАНКА ЌЕ ОДАТ СО ЛИВЧИЊАТА ОД МВРЛивчето е доказ дека постапката за издавање на нов документ на граѓанинот му е во процедура (Фото: СДК.МК)

    Граѓаните кои поднеле барање и се фотографирале за нова лична карта, нема наскоро да ја добијат, поради тоа што новиот софтвер на МВР е инсталиран за со новото уставно име и е за двојазични картички. Измените во системот се поставени согласно Уставот и Законот за употреба на јазиците.

    Уставот е донесен, Законот за јазиците исто така, но во Собранието е блокиран Законот за лични карти, со над илјада амандмани од дел од опозицијата. Одморите фатија, Собранието се распушти, останаа над 30 илјади граѓани без нови лични карти и којзнае уште колку со истечени.

    МВР вели дека не смее да престане да прима нови барања за лични карти.

    „Ве известуваме дека согласно закон, Одделот за граѓански работи ги прима сите барања за лични карти, меѓутоа новиот Закон за лични карти, кој во март беше доставен во Собранието сè уште не е изгласан од страна на пратениците поради поднесени над 1.500 амандмани од страна на опозицијата. Од друга страна, техничките можности на системот на МВР предвидуваат печатење на сите лични документи, вклучително и личните карти, со новото уставно име на државата и согласно Законот за употреба на јазици, па од таа причина Министерството не е во можност да печати и издава нови лични карти“, вели МВР.

    При поднесување на барање за лична карта странките добиваат потврда (одрезок од барањето) како доказ дека постапката за издавање на нов документ им е во процедура со цел остварување на свои права низ институциите во државата.

    Оттаму, на граѓаните сега тоа ќе им биде лична карта, но само во банките. Банките го уважуваат ливчето, велат од МВР. За другите институции, не е познато.

    Се знае само дека со истечена лична карта или со ливче-потврда од МВР издадена по поднесувањето на барање за нова, не може да се патува во соседните држави во кои може да се патува без пасош.

    ОД МВР велат дека целиот проблем се врти околу Законот за личните карти кој е блокиран во Собрание. „Ние неколкупати инсистиравме во однос на ова законско решение да се донесе, но истото е блокирано со 1.507 амандмани“, велат од МВР.

    Од амандманите коишто се поднесени за законот, еден е од парламентарното мнозинство, а 1.506 амандмани се поднесени од опозицијата.

    Личните карти со старото уставно име, од влегувањето во сила на новиот Закон за лични карти, ќе можат да се користат до 12 февруари 2024 година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира