ГРЕЈНАТА СЕЗОНА ПОЧНА, А ВЛАДАТА УШТЕ НЕ ГИ ДОДЕЛИ ВАУЧЕРИТЕ ЗА ИНВЕРТЕРИ

    ГРЕЈНАТА СЕЗОНА ПОЧНА, А ВЛАДАТА УШТЕ НЕ ГИ ДОДЕЛИ ВАУЧЕРИТЕ ЗА ИНВЕРТЕРИГраѓаните во февруари чекаа во ред да се пријавата на огласот кој го распиша Министерството за економија. (Фото: СДК.МК)

    Грејната сезона започна, а граѓаните уште не ги добиле владините ваучери за купување инвертер клима-уреди. Поминаа осум месеци откако се аплицираше на огласот кој го распиша Министерството за економија, но сè уште не се објавени списоците на граѓани кои ги исполниле условите, ниту се знае кога точно ќе се доделат.

    Оваа мерка за намалување на загадувањето и промена на начинот на греење на домаќинствата ја најави Владата на СДСМ и ДУИ. Но, до изборите ваучерите не беа поделени. Со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ беше кажано дека проектот ќе се реализира, но бидејќи нема пари потребно е да се чека ребаланс на Буџетот. Ребалансот беше изгласан пред два месеца, но ваучерите ги нема.

    Од Министерството за енергетика, кое го презема овој проект од Министерството за економија, велат дека наскоро ќе се доделат ваучерите, но не прецизираат кога.

    „Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини наскоро ќе започне со доделување на ваучери за набавка на инвертери за кои барателите ги исполниле критериумите на распишаните конкурси, за кои се аплицираше во февруари, годинава. Распределбата се очекува да почне веднаш откако ќе заврши проверката на апликантите низ соодветните институции вклучени во процесот. Обезбедени се финансиски средства за околу 8.000 ваучери за инвертер клими“, велат од Министерството за енергетика.

    На огласот за четири дена пристигнаа вкупно 18.805 барања за двата јавни повика. На огласот кој не се однесува на ранливите категории потрошувачи, барања доставиле 14.500 баратели, додека за огласот за ранливи потрошувачи аплицирале 4.305 граѓани.

    Не се знае ниту од каде ќе може да се набават инвертерите. Беше кажано дека ќе биде распишан јавен повик за избор на фирми, но за тоа нема никаква информација.

    Според најавите, ваучерите граѓаните ќе ги добијат на домашна адреса.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира