ГРИПОТ НАСКОРО ЌЕ ГО ДОСТИГНЕ ВРВОТ, ДОСЕГА 6 ПОЧИНАТИ, ГРАЃАНИТЕ ДА НОСАТ МАСКИ, ВЕЛИ КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

    ГРИПОТ НАСКОРО ЌЕ ГО ДОСТИГНЕ ВРВОТ, ДОСЕГА 6 ПОЧИНАТИ, ГРАЃАНИТЕ ДА НОСАТ МАСКИ, ВЕЛИ КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИЛекарите апелираат да се носат маски во здравствените установи. - Шалтерот на Институтот за радиологија. (Фото: К. Попов)

    Комисијата за заразни болести препорачува задолжително носење заштитни маски во болниците и во домовите за стари лица, како и забрана за посета во овие установи поради зголемениот број респираторни инфекции, кажа денеска претседателот на Комисијата, д-р Александар Петличковски.

    Овие препораки по денешниот состанок се доставуваат до Министерството за здравство, а треба да одлучи Владата, но, вели д-р Петличковски, не мора јавноста да чека официјална препорака, туку граѓаните да се однесуваат совесно, т. е. да носат маски и да не се мешаат со многу луѓе во затворени простори.

    Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека од 1 до 7 јануари се пријавени 1.025 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип, а во споредба со бројот за првата недела од типичната епидемиска крива од последните 13 сезони, бројот е зголемен за 68.8 отсто. Бројката на заболени за наведениот период е за 2.5 пати повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со прва недела од минатата сезона, е зголемен за 24,8 проценти.

    Директорката на Клиниката за инфективни болести д-р Милена Стевановиќ кажа дека кај нив дневно се прегледуваат од 60-100 пациенти, дека има седум хоспитализирани, а петмина со ковид-19. Сите пациенти се со хронични болести.

    Д-р Петличковски и д-р Стевановиќ кажаа дека опаѓаат бројките на заболени од ковид-19.

    Д-р Стевановиќ кажа дека за три недели 6 лица починале по компликации од грип, сите биле невакцинирани. Денеска починала 45-годишна жена, со обезност, дијабетес, хипертензија и хронична белодробна болест.

    „Грипот кај и да е ќе го досигне пикот и затоа сите треба да бидеме внимателни. Апелираме на совесно однесување“, кажа д-р Стевановиќ.

    За појавата на два случаја на голема кашлица во земјава, д-р Петличковски кажа дека остануваат тие два пациенти, од кои едниот е увезен, и апелираше до родителите да ги вакцинираат децата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира