ГРУЕВСКИ ИЗБЕГАЛ ПРЕКУ АЛБАНИЈА, ПОТВРДИ АЛБАНСКАТА ПОЛИЦИЈА ЗА „ТОП ЧЕНЕЛ”

    ГРУЕВСКИ ИЗБЕГАЛ ПРЕКУ АЛБАНИЈА, ПОТВРДИ АЛБАНСКАТА ПОЛИЦИЈА ЗА „ТОП ЧЕНЕЛ”Во Албанија, Србија и во Црна Гора македонските граѓани можат да влегуваат само со лична карта. - Утринава во Будимпешта осамнаа постери: „Се бара. Никола Груевски, македонски експремиер, криминалец. Виктор Орбан крие илегален имигрант!“. (аматерска фотографија од Фејсбук)

    Албанската полиција потврди дека лицето Никола Груевски на 11 ноември околу 19.11 часот ја напуштил територијата на Албанија преку граничниот премин Хани и Хотит-Божај со Црна Гора како патник во возило на унгарската амбасада во Тирана, објави албанската телевизија „Топ Ченел”.

    Понатаму во соопштението се вели дека на 11 ноември немало меѓународна потерница по лицето Никола Груевски. Канцеларијата на Интерпол од Скопје испратила известување до Интерпол во Тирана дека се бара Груевски на 13 ноември.

    Од албанската полиција не кажаа кога и како осудениот пратеник и експремиер Груевски влегол  во Албанија.

    Во Албанија и во Црна Гора македонските граѓани можат да влегуваат само со лична карта.

    Црногорската полиција вечерва соопшти дека Груевски на патот кон Унгарија од Албанија влегол во Црна Гора од каде излегол истиот ден.

    „По повод наводите што се објавени во медиумите, како и интересирањето на медиумите по ова прашање, а кои се однесуваат на тоа дали поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски влегол во Црна Гора на 11 ноември 2018 година, поради вистинитоста на информирањето на јавноста го објавуваме следново: Никола Груевски ја напуштил Црна Гора истиот ден кога влегол во нашата земја. Црногорската полиција во целост ги испочитувала законските процедури“, се вели во соопштението на управната полиција во Црна Гора, но нема детали од кој граничен премин Груевски заминал од земјата.

    Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска учествувaше на министерскиот Форум на отпорност на Западниот Балкан во Будва, Црна Гора, а во организација на Меѓународниот републикански институт и црногорското Министерство за внатрешни работи. Нема информации дали со црногорскиот колега го дискутирал престојот на Груевски во Црна Гора.

    Груевски се јави од Будимпешта на 13 ноември и кажа дека бара азил од унгарските власти. Ден претходно, македонската полиција го бараше дома, кај мајка му и во гаражата кај партиското седиште.

    Кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска кажа дека Груевски побарал азил преку унгарската амбасада но не во Македонија туку во друга земја, без да прецизира за која земја станува збор.

    Груевски на 9 ноември требаше да се пријави во затворот во Шутка на издржување на двегодишна затворска казна за „Тенк” на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра.

    Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го истражува бегството на Груевски и сомнева дека службени лица му помогнале да избега од Македонија. И Владата денеска соопшти дека дека се утврдува начинот на кој Груевски ја напуштил државата и дали некој му помагал. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски рече дека внатрешната контрола на МВР истражува дали полициски службеници му помогнале на Груевски во бегството и најави подетални информации кога ќе заврши истрагата.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира