ГРУЕВСКИ МОЖЕ И ДА НЕ МОРА ДА ОДИ ВО ЗАТВОР НА 8 НОЕМВРИ

    ГРУЕВСКИ МОЖЕ И ДА НЕ МОРА ДА ОДИ ВО ЗАТВОР НА 8 НОЕМВРИНикола Груевски утринава пристигнува во Основниот суд Скопје 1 за судењето за „Титаник“. (Фото: К. Попов)

    Осудениот експремиер Никола Груевски може да го пролонгира одењето во затвор откако денеска ја прими одлуката на судијата за извршување санкции дека му се одбива жалбата на упатниот акт да се јави во Шутка до 8 ноември, брифираат судски извори. Тој има право во рок од три дена да се жали до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, кој и во случај да ја одбие жалбата, повторно одредува датум кога осудениот треба да оди во затвор.

    Пролонгирањето е извесно, бидејќи Груевски не мора да ја поднесе жалбата денес туку на истекот на рокот во среда по препорачана пошта, како што тоа го стори претходно.

    „Но, без оглед кога ќе ја поднесе жалбата до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, сепак крајниот збор кога тој ќе треба да се јави во затворот во Шутка и во случај да му биде одбиена жалбата ќе го има Кривичниот совет. Во конечната одлука, во случај кога се одбива жалбата, Кривичниот совет одредува датум кога всушност осуденото лице треба да се појави на одредена затворска капија“, појаснуваат судски извори, повикувајќи се на законските одредби.

    Во петокот, судот соопшти дека е одбиено барањето на Груевски, осуден на две години затвор за незаконската набавка на мерцедесот со пари на МВР, да му се одложи спроведувањето на упатниот акт, според кој треба да се појави на 8 ноември во затворот во Шутка.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира