ГРУЕВСКИ НЕ ПРИМИЛ ПОКАНА ЗА СЈО, ЗАМИНАЛ НА 10-ГОДИШНИНА ОД БРАКОТ СО БОРКИЦА

    ГРУЕВСКИ НЕ ПРИМИЛ ПОКАНА ЗА СЈО, ЗАМИНАЛ НА 10-ГОДИШНИНА ОД БРАКОТ СО БОРКИЦАПринтскрин од текстот за свадбата на Никола Груевски и Боркица, објавен на 11 мај 2007 година во весникот „Вест“.

    Поранешниот премиер Никола Груевски денеска најверојатно нема да дојде на распит во Специјалното јавно обвинителство за случајот „Талир“, бидејќи нема добиено покана. Порталите блиски до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ објавија дека тој се наоѓа на кусо патување надвор од државата со сопругата Боркица и децата, без да прецизираат каде.

    „Како што дознаваме, оваа година се навршија 10 години од нивниот брак, и веројатно ова кусо патување ќе биде мала компензација на Груевски за постојаното отсуство во семејството изминатиот период“, пишува  во текстот на порталот „Вистина“, потоа пренесен неколку пати од порталите блиски до Груевски.

    Текстото не е потпишан и нема наведено извор. Директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Иво Котевски не знае дали првоосомничениот Груевски е на одмор. Тој денеска беше на распит во СЈО за истиот случај, во кој првоосомничен е Груевски. По излегувањето од СЈО, тој на новинарите им рече дека не знае дали Груевски е на одмор и дали пак ќе ја одбегне поканата на СЈО за случајот „Талир“.

    Покрај Груевски, кој е првоосомничен во случајот, од СЈО покани им се испратени и исказ треба да дадат и пратеникот Илија Димовски, Кирил Божиновски и Мартин Протоѓер, кои се дел од единаесетмината осомничени за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.

    Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, на 22 мај кога го објави случајот, кажа дека постои основано сомнение дека првоосомничениот, претседателот на партијата, во периодот од 2009 до 2015 година овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби и дека тоа го направил од лични мотиви со злоупотреба на службена должност и овластувања. Фетаи рече дека постои сомнеж за злоупотребени 4,9 милиони евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира