ГРУЕВСКИ НЕ СЕ ИСПЛАШИ ОД СЈО, БЕШЕ НА УВИД НА ФАСАДАТА НА БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА, РЕАГИРА ВМРО-ДПМНЕ

    ГРУЕВСКИ НЕ СЕ ИСПЛАШИ ОД СЈО, БЕШЕ НА УВИД НА ФАСАДАТА НА БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА, РЕАГИРА ВМРО-ДПМНЕЛидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и техничкиот министер за здравство Никола Тодоров вршат увид во фасадата на Битолската болница, додека внатре во болницата истражители на СЈО ја чешлаат документацијата. (Фото: СДК.МК)

    ВМРО-ДПМНЕ вели дека лидерот на партијата Никола Груевски бил во Битола само да изврши увид во завршувањето на реконструкцијата на фасадата, а не да влегува во Клиничката болница, во реакцијата на веста „Груевски се исплаши од СЈО и не влезе во битолската болница” објавена од дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантира ваквите дезинформации. Целта на посетата на г. Никола Груевски беше да изврши увид во завршувањето на реконструкцијата на фасадата, а не да влегува во Клиничката болница во Битола“, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

    Посетата на пратеникот Никола Груевски на Битолската болница денес се совпадна со присуството на истражители од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), но тој не се сретна со нив. Додека претставниците на СЈО ја чешлаа документацијата внатре во управата на болницата, Груевски и техничкиот министер за здравство и сопартиецот и пратеник Никола Тодоров беа пред објектот.

    Директорот на болницата потврди дека и денес СЈО разгледува документи околу групни набавки на рентген опрема од Министерството за здравство.
    „Дојдоа да проверат документи за Рамковна спогодба за групна набавка, меѓу повеќе болници, па и Битола. Документацијата им е ставена на увид. Бараат да ја видат оригиналната документација и фотокопии за проверка“, рече директорот Василе Најдовски.

    По увидот на фасадата на Битолската болница, Груевски замина да изврши увид на изградбата на северната трибина на стадионот во Битола.

    Груевски е првоосомничен во двата нови случаи на СЈО, „Талир“ и „Траекторија“, објавени на 22 мај.
    Случајот „Талир“ е за перење пари преку незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со сомнеж за злоупотребени 4,9 милиони евра. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи кажа дека постои основано сомнение дека првоосмничениот, претседателот на партијата во периодот од 2009 до 2015 година овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби и дека тоа го направил од лични мотиви со злоупотреба на службена должност и овластувања. Претходно на прес-конференцијата, специјалната обвинителка Катица Јанева рече дека предмет на истрагата за перење пари не е политичката партија, туку запознавање на јавноста како поединци од раководството ја злоупотребиле партијата водени од лични мотиви.

    Случајот „Траекторија“ се однесува на изградбата на автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи кажа дека постои основано сомнение дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година четворицата осомничени, поранешни високи владини функционери, превзеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија изведувач за изградба на автопатиштата ги искористиле и пречекориле своите овластувања и му нанеле штета на буџетот на Република Македонија во износ од над 155 милиони евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира