ГРУЕВСКИ НЕ УСПЕА ДА ЈА СМЕНИ КАТИЦА ВО „ТЕНК“, СУДИЈКАТА КАЦАРСКА МУ КАЖА ДА СЕ СПРЕМА ЗА ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ

    ГРУЕВСКИ НЕ УСПЕА ДА ЈА СМЕНИ КАТИЦА ВО „ТЕНК“, СУДИЈКАТА КАЦАРСКА МУ КАЖА ДА СЕ СПРЕМА ЗА ЗАВРШНИ ЗБОРОВИСпецијалната обвинителка Ленче Ристоска рече дека нелогичното и неоснованото барање на одбраната на обвинетите е само да се одолговлечи постапката за незаконското купување на скапиот мерцедес. - Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски утринава пристигнува во Основниот суд Скопје 1 (Фото: М. Златевска)

    На крајот од денешното судење за предметот „Тенк“, судијката Добрила Кацарска ги праша обвинетите дали ќе дадат своја одбрана и поранешниот премиер Никола Груевски и Ѓоко Поповски од МВР рекоа дека ги повлекуваат предлозите да дадат усна одбрана, по што таа го прекина судењето, го закажа продолжението за 14 мај и на заминување на обвинетите и на нивните адвокати им кажа да почнат да се подготвуваат за завршни зборови во овој судски процес.

    Судењето по обвинението на СЈО за незаконската набавка на блиндираниот мерцедес од речиси 600 илјади евра од сметката на осиромашениот буџет на МВР, а за потребите на поранешниот премиер Никола Груевски, денеска се претвори во дебата за Законот за СЈО, за кој и обвинетиот Груевски даде поддршка за негово носење.

    Иако според законот, нема обвинител над специјалниот, обвинетите Никола Груевски и Ѓоко Поповски од МВР, сè уште инсистираат да се најде некој да одлучи дали ќе биде изземена Катица Јанева од случајот „Тенк“. Дури најавуваат дека од Собранието ќе бараат автентично толкување на законот дали Јавниот обвинител може да решава за нејзино изземање од предмети. На сите обвиненија потпишана е Јанева.

    Одбраната бара преку нејзино тргање од предметите, тие обвиненија да паднат. Јанева денес на паузата одлучи да не бидат изземени од овој случај обвинителите Ленче Ристоска и Стевчо Донев, а за барањето за нејзино изземање, писмено одговори дека тоа е недозволиво, бидејќи законот не дава таква можност и таа нема надреден обвинител.

    Судијката Кацарска рече дека Основниот суд не е тој кој може од Собранието да бара автентично толкување на законот за СЈО. Не може ниту да ја тера Јанева да донесе формално решение за барањето за нејзино изземање. Ристоска рече дека нелогичното и неоснованото барање на одбраната на обвинетите е само да се одолговлечи постапката за незаконското купување на скапиот мерцедес.

    „Ова е завршен случај со ослободителна пресуда. Ако држат до своите дипломи судиите така ќе одлучат. Но се шпекулира има договор меѓу судијката Кацарска и Заев дека ако него го ослободи во Поткуп, а мене ќе ме осуди, таа ќе добие награда, шефица на Скопска апелација“, рече Груевски по денешната расправа во Основниот суд Скопје 1.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира