Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на Конгресот на Европскaта народна партиja (ЕНП), кој се одржува утре и задутре во Малта, треба да гласа за резолуција против руското мешање и руската пропаганда, меѓу другото, и на Западниот Балкан.
Премиерот Емил Димитриев ќе присуствува на Самитот на ЕНП како шеф на владата, потврди Карине Милеиро, портпарол на ЕНП за САКАМДАКАЖАМ.МК, додека Груевски со партиска делегација ќе учествува на Конгресот.
Претседателството на Европската народна партија, чија членка е ВМРО-ДПМНЕ, подготви нацрт-резолуција против „постојаните руски напори да се манипулира со реалноста, да се внесе недоверба во демократските процеси и дури и да се меша во изборите на Западот“.
„ЕУ не смее да дозволи руското мешање да ги еродира демократските општества и да поттикнува омраза и страв. Информациската војна е интегрален дел од нападот на Путин врз Европа“, се вели во воведот резолуцијата.
Понатаму, ЕНП сака да порача дека стои цврсто со членките на ЕУ и про-европските сили во Источното партнерство и земјите од Западен Балкан, како и со САД во отфрлањето на обидите на Путин да ги поткопа либералните демократски вредности, генерално, и конкретно европскиот проект.