Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, заедно со тројца европратеници Едвард Кукан, Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн, во вторник ќе допатува во Скопје на средби со претседателот Ѓорге Иванов и лидерите на парламентарните партии, потврди денеска портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.
„Комесарот Хан во вторник, на 21 март, ќе патува во Скопје, заедно со тројцата европратеници кои добро ги познавате, Флекенштајн, Кукан и Вајгл. Тие заедно ќе се сретнат со претставници на сите парламентарни политички партии, како и со претседателот Иванов. Тие ќе ја повторат цврстата порака на ЕУ да се почитуваат изборните резултати и да се овозможи демократските процеси да продолжат и брзо да се формира влада што ќе продолжи да го имплементира Договорот од Пржино“, рече Коцијанчич.
Таа потсети дека вчера, на Самитот на шесте западнобалкански лидери во Сараево, Хан ја истакнал неопходноста од регионална соработка и предупредил на ризикот од подгревање на тензиите, вклучувајќи ги и меѓуетничките, со изјави и со дејства што можат да ги поткопаат добрососедските односи.
На прашање дали се подготвува „Пржино 3“, Коцијанчич истакна дека ставот на Комисијата е дека Договорот од Пржино треба целосно да се имплементира.
„Сметаме дека покрај работите што треба да се случат е тоа што Договорот од Пржино, каков што го знаете, треба да се имплементира“, рече Коцијанчич.