Хелсиншкиот комитет за човекови права го осуди националистичкото и политизирано скандирање за време на фудбалскиот натпревар Шкендија-Карабах (0:1), што се одигра вчера на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје во рамките на квалификациите за Лигата на шампионите.
„И покрај апелите од јавноста и институциите за фер и спортско навивање, од трибините се слушаа повици ‘Голема Албанија‘, ‘Чамерија‘ и ‘Илирида‘, пораки кои придонесуваат за поттикнување меѓуетнички поделби, ја нарушуваат меѓуетничката кохезија и имаат потенцијал да предизвикаат злосторства од омраза. Загрижувачки е фактот што ваквите извици не доаѓале само од навивачката група ‘Балисти‘, туку и од дел од публиката, во присуство на високи државни функционери“, велат од Хелсиншки комитет.
На натпреварот присуствувале претседателот на Собранието Африм Гаши, вицепремиерот Изет Меџити, министерот за економија Валон Дурмиши и партиските лидери Али Ахмети и Арбен Таравари.
„Ниту еден од овие високи функционери не реагирал за навредувачките скандирања. Особено е дискутабилна изјавата на Гаши, кој од една страна вели дека не ги слушнал повиците, а од друга страна јавно им честитал на навивачите, нарекувајќи ги ‘достоинствен пример за националните вредности‘. Овие контрадикторни ставови испраќаат опасна порака за толеранција на говор на омраза и политичко навивање на спортските терени“, соопшти Хелсиншки комитет.
Оттаму апелираат до Министерството за внатрешни работи (МВР) и надлежните институции да постапат во согласност со најавените мерки за санкционирање вакви испади.
Од МВР соопштија дека СВР Скопје врз основа на снимениот и документиран материјал презема мерки во координација со надлежен јавен обвинител.
„Доставено е писмено известување до Обвинителството врз основа на веќе утврдениот материјал, по што МВР ќе постапува согласно своите надлежности во координација со ОЈО и за било какви утврдени законски прекршувања ќе следуваат соодветни поднесоци, за што јавноста благовремено ќе биде информирана“, вели МВР.
Во понеделникот, Основното јавно обвинителство од Куманово отвори постапка и му издаде насоки на СВР Куманово да истражи елементи на кривично дело поврзано со скандирања со говор на омраза од страна на непознати лица. Инцидентот се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Романија, одигран на 2 август во Куманово.
Од МВР велат дека во СВР Куманово веќе се повикани неколку осомничени лица со кои што е извршен службен разговор, и по извршени анализи во координација со ОЈО Куманово ќе бидат преземени конкретни законски мерки, а едно лице е лишено од слобода и против него ќе следи соодветен поднесок.