На распит во Обвинителството за организиран криминал и корупција денеска под силно полициско вооружување беа донесени од затворот „Шутка“ седумтемина последни уапсени борци на ИСИС во Сирија и Ирак, македонски државјани. Тие беа придружени со хермелини, па роднините кои дојдоа пред Апелациониот суд Скопје, кај што сè уште е ова обвинителство, не можеа да ги видат осомничените.
Притворските комбиња и хермелините влегоа внатре во дворот на Судската палата.
На 8 август овие борци на терористичката група Исламската држава беа донесени од американската војска на Меѓународниот аеродром Скопје. Од таа вечер се во притвор под посебно обезбедување.
Според извори од Обвинителството за организиран криминал, истрагата со денешното сослушување привршува. Тие се осомничени по член 322-а од кривичниот законик: „Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“, според кој најниската затворска казна е 5 години.
Поголемиот дел од притворените имаат едвај по 25 години. Сите се дел од предметите „Ќелија 1“ и „Ќелија 2“, отворени пред три години. Во нив претходно беа осудени на казна затвор уште 26 лица.
Државата сè уште не излегла со решенија, како ќе се ресоцијализираат овие луѓе, после тренинзите во регрутните центри и учеството во борбите во редовите на ИСИС во Ирак и во Сирија.
С. К. ДЕЛЕВСКА