ХРАНАТА ОД ПОПЛАВЕНИТЕ ФРИЖИДЕРИ МОРА ДА СЕ ФРЛИ, А ВОДАТА ДА НЕ СЕ ПИЕ АКО Е МАТНА, АПЕЛИРА АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА И ВЕТЕРИНАРСТВО ПО ИЗЛЕВАЊЕТО НА РЕКИ ВО НЕКОЛКУ РЕГИОНИ

    ХРАНАТА ОД ПОПЛАВЕНИТЕ ФРИЖИДЕРИ МОРА ДА СЕ ФРЛИ, А ВОДАТА ДА НЕ СЕ ПИЕ АКО Е МАТНА, АПЕЛИРА АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА И ВЕТЕРИНАРСТВО ПО ИЗЛЕВАЊЕТО НА РЕКИ ВО НЕКОЛКУ РЕГИОНИКоселска Река предизвика поплави во Охридско. (Фото: СДК.МК)

    Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните во регионите каде што има излевање на реките и поплави да внимаваат на безбедноста на храната и водата, како и да се грижат за домашните животни.

    Од АХВ велат дека треба редовно да се следат информациите за состојбата со водоводните мрежи. Доколку водата од индивидуалните водоводни објекти е видно заматена, таа не смее да се користи за пиење и готвење сè додека не се добие лабораториска потврда дека е безбедна.

    „Редовно да се одржува хигиената на рацете, пред сè по контактот со водата од поплавата или со предметите кои биле поплавени, по чистењето и пред подготовка на храна. Да се внимава и се заштити готовата храна за да не дојде во контакт со водата од поплавата или со отпадните води“, се вели во соопштението на АХВ.

    Агенцијата препорачува храната која била во контакт со поплавата, дури и ако се наоѓала во фрижидери или замрзнувачи, да не се користи и веднаш да се фрли.

    Храната треба задолжително термички да се обработува на температура повисока од 70 степени, а за малите деца во поплавените домаќинства се препорачува користење на индустриски подготвена храна. Овошјето и зеленчукот кои се јадат свежи треба темелно да се измијат и термички да се обработат.

    Во однос на животните, од АХВ потсетуваат дека сопствениците се должни да им обезбедат храна, вода и засолниште на безбедна локација.

    „Доколку во краток рок е потребно да се напушти местото на живеење, а не е можно да се понесат животните со себе, тие треба да се префрлат на безбедно место. Ако се во штала и се држат врзани, животните треба да се одврзат и доколку постои можност, да се дислоцираат на повисоко место каде ризикот од поплавување е помал“, велат од АХВ.

    Сточната храна исто така треба да се чува на суво место, а одгледувачите треба да бидат во контакт со ветеринарите за евентуална медицинска грижа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира