Премиерот Зоран Заев и второстепено е ослободен од обвинението дека зел поткуп, откако лани основниот суд Скопје 1 пресуди дека не е виновен.
„По одржана нејавна седница, Апелациониот суд Скопје донесе пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, ја одби како неоснована и ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 1 Скопје КОК.бр. 62/16 од 21.05.2018 година. Вака донесената одлука ќе биде објавена во целост на веб страната на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите“, соопшти Апелација.
Обвинетиот Зоран Заев за кривично дело барање ветување за подарок се ослободува од обвинение, одлучи лани судијата Дарко Тодоровски од Кривичниот суд. Ослободителната пресуда во случајот „Поткуп“ беше очекувана, бидејќи посебните истражни мерки (видео-снимките и телефонските разговори) отпаднаа, писмената документација за постапката за приватизацијата на земјиштето беше според судот во ред, остана само исказот на струмичкиот бизнисмен Иван Николов против исказот на обвинетиот премиер Зоран Заев.
Пред ова, пак, обвинителката за организиран криминал Валентина Бислимовска го преиначи обвинението во обвинителен предлог. Со тоа посебните истражни мерки станаа непотребни и неиздржливи за обвинителниот предлог, рече тогаш Бислимовска. Преиначувањето тогаш се случи бидејќи од доказите, како што рече обвинителката Бислимовска, произлегло дека обвинетиот не зел ни евро поткуп, а постапката на сведокот Николов за приватизацијата на градежното земјиште за кое бил заинтересиран, си течела во општина Струмица, според сите важечки законски прописи.
Заев беше обвинет дека од регуларната цена што требало да ја плати Николов по 70 денари од метар квадратен, барал дополнително да плати по евро за квадрат за црквата во градба и по евро за квадрат, за него, а кој дел требало да го даде во менувачницата „Пеон“ на брат му Вице Заев.
С. К. ДЕЛЕВСКА