„За еднаквост пред законот потребно е 56 од 56“, предмалку се огласи преку Твитер британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет. Тој им се придружи на останатите пораки што стигнаа од меѓународната заедница дека селективната аболиција на претседателот Ѓорге Иванов, потврдена со одлуката за поништување на помилувањата за 22 политичари, не поминува кај странските гарантори на Пржинскиот договор.
Ниту САД, ниту ЕУ не се задоволни од најновата одлука на македонскиот претседател.
Во петокот и амбасадата на САД во Скопје преку соопштение посочи дека селективната аболиција ја спречува Македонија за напредок кон НАТО и ЕУ.
Речиси координирано стигна реакција и од Брисел. Портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич ја пренесе пораката за неодложно отповикување на сите помилувања од претседателот.
„Брисел одблизу ја следи ситуацијата во земјата и повторуваме дека е потребно да се повлече аболицијата за сите лица за да се зачува принципот на одговорност, да се обезбеди еднаков третман пред законот, за да се отстрани загриженоста за незаконитоста и за да се избегне селективната правда“, изјави Коцијанчиќ.
Претседателот Ѓорге Иванов во петокот ги повлече аболициите за 22 политички експонирани лица што ги помилува на 12 април.
На останатите помилувани им е оставена можност индивидуално да си поднесат барање до него да им биде повлечена аболицијата.