До Уставниот суд е поднесена иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на членот 41 А од Законот за средното образование од страна на Сојузот на средношколци во врска со правото на бесплатен јавен превоз. Оттаму велат дека има повеќе категории средношколци кои ова право го немаат.
Од Сојузот на средношколци велат дека најмногубројни се учениците од приватните училишта, но и учениците од стручните училишта, кои посетуваат феријална практика во текот на распустите, која што е задолжителна училишна обврска. Право на бесплатен јавен превоз немаат ниту учениците што живеат на помалку од 2,5 километра од училиштето.
Според иницијативата на Сојузот на средношколци, сегашните одредби во законот се косат со членовите 9 и 44 од Уставот, кои велат сите граѓани се еднакви во слободите и правата и дека секој има право на образование.
Претходно, по претставка на двајца студенти, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација донесе препорака и студентите од приватните универзитети да имаат право да користат бесплатен градски превоз на еднаква основа како и нивните колеги запишани на државните универзитети.