Поради големите гужви за подигнување на ваучерите за инвертери, рокот е продолжен и утре. Во спортските сали во Скопје и Битола и утре од 9 до 17 часот ќе можат да се земат ваучерите. Овој рок не важи за пунктовите во другите градови.
Денеска пред салата „Борис Трајковски“ граѓани со саати чекаат да земат ваучер.
Министерката за енергетика Сања Божиновска денеска на прес-конференција кажа дека ваучерите не се праќаат по пошта оти на овој начин побрзо ќе се спроведе постапката.
„Граѓаните треба да потпишат и договор.Доколку се праќаа по пошта ќе беше потребно повеќе време, да се пратат назад потпишаните договори. Граѓаните не мораат да чекаат со саати, можат до крај на месецот да ги подигнат во Министерството”, рече Божиновска.
Ваучерите мораат да се искористат до 30 ноември. После овој рок тие не важат.
За ваучерите граѓаните аплицираа во февруари, а ги добиваат сега. За овој проект на минатата Влада на СДСМ и ДУИ обезбедени се 4,1 милион евра, или има пари за 6,182 ваучери. На повикот пристигнаа вкупно 18.805 барања по двата јавни повика. На огласот кој не е за ранливи потрошувачи барања доставија 14.500 баратели, а за огласот за ранливи потрошувачи 4.305 баратели.
Согласно јавниот оглас за финансиска поддршка преку доделување потврда-ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди за ранливи потрошувачи за 2024 година, предвидени се ваучери од 27.000 денари за лица со ниски примања (приходи до 21.000 денари за самец, 30.000 денари за домаќинство со два члена, и 35.000 денари за домаќинство со три члена). За домаќинства со четири члена, предвиден е ваучер од 30.000 денари, а за домаќинства со пет или повеќе члена – 45.000 денари. Дополнително, за неранливи потрошувачи од Пелагонискиот и Југозападниот регион предвидени се ваучери од 25.000 денари, а за останатите региони – по 23.000 денари.
А. АНТЕВСКА