Иако е со речиси непостоечка железница и со редок и инцидентен железнички сообраќај, Македонија има и Агенција за регулирање на железничкиот сектор. Агенцијата има директор и вработени. Агенција за регулирање на железничкиот сектор, има и Управен одбор.
На дневен ред на денешната седницата на Комисијата за изборите и именувањата во Собранието, ставена е и точка „Утврдување Предлог-одлука за именување на претседател и членови на Управниот одбор на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор“.
На сајтот на оваа државна Агенција чии вработени се платени од даночните обврзници, може да се види дека оваа година таа издала 3 дозволи за транспорт. Во 2022 немало издадено ниту една дозвола, а претходно во 2021 издала една дозвола и по една во 2015 и во 2013.
Рубриката „проекти“ на Агенцијата е празна.
Во рубриката „за нас“ стои:
„Железничкиот транспорт е значаен логистички сегмент во економијата и развојот на општеството. Со либерализацијата на железничкиот сообраќај во Република Северна Македонија се поддржува и глобализацијата на општеството. Задача на Агенцијата е промоција на овој транспортен систем кој е економски најповолен сообраќаен систем за Република Северна Македонија како континентална земја, како за товарниот така и за патничкиот сообраќај а воедно и пријателски ориентиран кон човековата околина. Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор има значајна улога во либерализацијата на железничкиот сектор во Република Северна Македонија, а со тоа и во воведување на конкурентнција меѓу транспортните компании на пазарот на железнички услуги. Агенцијата го обезбедува и недискриминаторскиот однос на управителот на Инфраструктурата кон сите транспортни компании. Се надевам дека на нашиот сајт ќе најдете потребни и корисни информации од областа на железниците кои ќе Ви овозможат да ги реализирате Вашите потреби“.
Состојбата со железничкиот сообраќај во земјава е очајна – патничките возови кон Кичево и Кочани не сообраќаат од мај 2021 оти нема ни возови, ни локомотиви, а на делниците каде сè уште сообраќаат, возовите се нередовни оти често има дефекти, а фалат и прагови на пругите оти се крадат па заради безбедност возовите лазат. Вработените во македонски железници (МЖ) често штрајкуваат оти платите им дознат со месеци и тогаш во прекин се и малкуте возови кои возат. Во декември 2022, тогашниот министер за транспорт Благој Бочварски најави либералицазија на железничкиот транспорт, но тоа остана само на идеја.
Лани во април, за јубилејот 150 години од Македонската железница (МЖ), во Скопје беше отворен Музејот на железницата. Во просторијата која се наоѓа на железничката станица во Скопје, има поставено стотина предмети поврзани со работа на железничарите, собрани од железничките станици во земјава. Тие претставуваат дел од историјата на МЖ. Првиот воз во Македонија стигна во Велес на 9 април, 1873 година, а тргнал од Солун.
Прашавме во Министерството за транспорт и врски зошто постои ваква Агенција со директор, секретарка, кола, простории и вработени, кога земјава речиси и да нема железнички сообраќај, па уште и Собранието ќе именува членови на Управниот одбор. Потоа членовите бираат директор.
Од Министерството за транспорт ни рекоа дека тие не се надлежни за оваа институција. Под Министерството е Управа за железничкиот сектор, додека Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор е регулаторно тело, надвор од Министерството.
- ОКОЛУ 300 СКРИЕНИ ДРЖАВНИ ОРГАНИ СО ДИРЕКТОРИ, КОЛИ И ОДБОРИ ЦИЦААТ ПАРИ ОД БУЏЕТОТ, А НИКОЈ НЕ ЗНАЕ ШТО РАБОТАТ
- ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЈАЗИЦИ ТРОШИ 100 ИЛЈАДИ ЕВРА ПО ВРАБОТЕН, А ПАЗАРНИОТ ИНСПЕКТОРАТ 10 ИЛЈАДИ ЕВРА ПО ВРАБОТЕН, НЕЛОГИЧНОСТИ ВО БУЏЕТИТЕ НА ИЗМИСЛЕНИТЕ ДРЖАВНИ ОРГАНИ
Стотици луѓе се напикани во околу 300 скриени државни органи во земјава, во измислени агенции за кои никој е ни чул, а кои имаат и Управни одбори, Надзорни одбори, директори, коли, пари, секретарки. Така, постојат: Национална агенција за нуклеарни технологии на Република Северна Македонија, Агенција за поддршка на претприемништвото, Агенција за иселеништво, Агенција за остварување на правата на заедниците (а постои толкаво паралелно Министерство), потоа и Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на РСМ, и Инспекторат за употреба на јазиците. Натаму, покрај многу важниот Државен инспекторат за животна средина, има дупликат кој се вика Служба за животна средина и, уште почудна, Служба за просторен информативен систем…
За да се оправда постоењето на овие институции за вдомување на партиски кадри, им се измислуваат имиња и категоризации. Дел се органи во состав на владата, дел на министерствата, дел се комисии, дел самостојни органи, дел инспекторати… Човек не може да се снајде кој за што е и зошто е, во која категорија спаѓа. Има и инспекторати со двајца вработени и директор. Инспекторати за јазик, агенции за храна, за спорт, за сешто. Сите се направени со закони лекс специјалис, односно со мали закончиња.
С. К. ДЕЛЕВСКА