Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас рече дека има простор да се надминат пречките и да се одблокира евроинтегративниот процес на Македонија, по денешната средба со премиерот Христијан Мицкоски во Владата. Сепак, таа додаде дека не би навлегувала во детали сѐ додека нема придвижување.
„Јасно е дека сакаме Северна Македонија навистина да се придвижи по овој пат. Знаеме дека има пречки и денеска дискутиравме за да можеме да изнајдеме механизми за да се надминат овие пречки. Премиерот може подобро да ги објасни неговите идеи, но сметам дека има простор каде што можеме да направиме нешто. Не би навлегувала во детали, доколку се придвижиме, тогаш тоа ќе го објавиме пред медиумите“, изјави Калас на заедничката прес-конференција со Мицкоски.
Прашана дали и за членството на Македонија во ЕУ има план Б, како што е случај со Украина, Калас одговори дека засега фокусот е на планот А.
„Ние се фокусираме на план А и се обидуваме планот А да профункционира. Сѐ уште се надеваме дека планот А ќе профункционира, доколку не, тогаш ќе поминеме кон следната фаза“, рече Високата претставничка на ЕУ.