И на третото продолжение на конститутивната седница на Парламентот пратениците малку дебатираа за избор на членовите и претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања и цел ден пак потрошија за декларацијата на албанските партии, како и за зачувувањето на унитарноста и на суверенитетот на државата.
Пратеникот од коалицијата на СДСМ Павле Богоевски на колегите од ВМРО-ДПМНЕ им рече дека тие продолжуваат да го бранат криминалот на власта и им порача дека има живот во опозиција, иако, како што кажа тој, за некои од нив тоа ќе значи неколку години во Идризово.
„Да имавме функционална влада немаше сега да зборувавме за вашата пропаганда, ќе зборувавме за законот за запленување и конфискација на имот и ќе бевме на добар пат да ги вратиме милијардите кои ги украдовте. Нè скаравте со нашите соседи и со нашите најголеми пријатели. САД, НАТО и ЕУ додека даваа милиони долари за вашите проекти, наменети за нашата држава кои вие немавте никаква намера да ги спроведете беа добри. Кога почна да им пречи огромниот алчен криминал кои го правите, не биле добри. Во одбрана на криминалот отидовте дотаму што човекот што, за жал, сè уште е претседател на државата, врховен командант на Армијата го натеравте да каже јасно и гласно дека Албанија која е членка на НАТО се меша во внатрешните работи и врши де факто агресија. Свесни ли сте што правите? Ако не ја блокиравте 108 дена цела држава, ние ќе имавме нова влада, новиот премиер и министри ќе работеа на оправување на уништените добрососедски односи, а Македонија храбро ќе газеше кон својот евроатланскиот пат. Но, не колешки и колеги од ВМРО-ДПМНЕ, вие продолживте да функционирате како активен соучесник во криминалите на оваа власт, и продолжувате. Мислите дека ќе поминете неказнето и во овој период кога продолжувате да крадете. Доста бе луѓе. Се однесувате како да испуштате душа, а не власт. Има живот и во опозиција. Добро, за некои од вас тоа значи неколку години живот во Идризово, ама големи сте, сами го одбравте тоа“, рече Богоевски.
Пратениците од новото парламентарно мнозинство и денеска го обвинуваа претседавачот на седницата Трајко Вељаноски дека го прекршува Деловникот за работа и го саботира изборот на Комисијата за да се одложи формирањето на нова влада. Вељаноски ги отфрли обвинувањата дека намерно го прекршува Деловникот,се повика на неговото долгогодишно искуство како собраниски спикер, дека имало случаи кога пратеници од иста пратеничка група си реплицирале меѓу себе. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на седницата им понуди предлог на пратениците од СДСМ дека доколку денеска се најдат гаранции за распуштање на Собранието, веднаш ќе биде избран нов претседател кој ќе има задача да распише предвремени парламентарни и локални избори.
Седницата ќе продолжи утре во 11 часот.