ИМОТ ВО СУДСКА ПОСТАПКА НЕ ЗАМРЗНУВА ПОРОТНИК, ТУКУ СУДИИ, РЕАГИРА КРИВИЧНИОТ СУД НА НЕУКОСТ И НАПАДИ ОД ОБВИНЕТАТА ВМРО-ДПМНЕ И ПРЕДУПРЕДУВА ДЕКА ПОПРЕЧУВАЊЕ ПРАВДА Е КРИВИЧНО ДЕЛО

    ИМОТ ВО СУДСКА ПОСТАПКА НЕ ЗАМРЗНУВА ПОРОТНИК, ТУКУ СУДИИ, РЕАГИРА КРИВИЧНИОТ СУД НА НЕУКОСТ И НАПАДИ ОД ОБВИНЕТАТА ВМРО-ДПМНЕ И ПРЕДУПРЕДУВА ДЕКА ПОПРЕЧУВАЊЕ ПРАВДА Е КРИВИЧНО ДЕЛООд судењето за случајот „Талир“. (архивска фотографија)

    Основниот кривичен суд, каде се води постапка за незаконско финансирање и перење пари во која е обвинета и ВМРО-ДПМНЕ како правно лице, за да не се шират невистини, како што наведе денеска, кажа дека судија-поротник не учествува во носење на одлука за замрзнување на имот.

    Оваа привремена мерка за обезбедување на имот, е одлука во надлежност на Кривичниот совет и се носи во совет од тројца судии, без учество на судија-поротник.

    „Наместо навредливото етикетирање на судството како ‘Луј Витон’, ‘Сваровски’ , ‘Трас-трас-судство…’ кое изминативе години доаѓа од различни политички структури, потребно е да се покаже поголема почит кон правосудниот систем генерално, бидејќи навреда на Третата власт, е и навреда на граѓаните на Македонија, кои се претставувани во судските постапки преку судиите поротници. А колку се важни граѓаните упатува и фактот дека нивниот глас е еднаков со гласот на судијата при носењето на одлуките”, вели Судот.

    Потоа предупредува дека попречување на правдата е кривично дело.

    „Воедно апелираме и да се престане со постојаните закани за кривична одговорност на судиите и судиите-поротници, бидејќи таквиот вид на притисок нема да влијае врз носењето на судските одлуки. Од друга страна, говори и за неукоста на тој што изнесува такви закани, па дури и за обид од негова страна за попречување на правдата”, наведува Кривичниот суд.

    По однос изборот и разрешувањето на судиите-поротници, јавноста треба да знае дека тоа е исклучива надлежност на Судскиот Совет, а не на Претседателот на судот.

    Во конкретниот случај по однос судијата-поротник Митко Сандев, откако од Судот е констатирано дека истиот наполнил 60 години, веднаш е известен Судскиот Совет, но сè додека истиот евентуално, не биде разрешен, тој ќе ја обавува функцијата „Судија-Поротник“.

    Судот сака да појасни зошто не е поднесено „Барање за негово разрешување“ туку е дадено само „Известување“. Законот за судови е нејасен во смисла на изборот и разрешувањето на судиите-поротници. Збунувачки е што Законот истовремено предвидел дека за судија поротник со мандат од четири години може да биде избрано секое лице до навршување на 60 години, а истовремено предвидел и дека со навршувањето на 60 години поротникот треба да се разреши. Ваквата недореченост на Законот, која создава забуна, е критикувана и од домашната експертска јавност, но и од Меѓународната заедница, дури е квалификувана и како дискриминирачка, имајќи предвид дека за работно способни лица во земјава, согласно Законот за работни односи, се сметаат сите лица до 64 години старост.

    Оттаму, можен е и исклучок во поротникот што сака ВМРО-ДПМНЕ да го пензионира.

    „Од овие причини, во минатото, во огромен број на судски постапки, на судиите поротници кои навршиле 60 години им се дозволувало и понатаму да ја вршат функцијата поротник до истекот на мандатот од 4 години, а пред сè поради целисходноста и економичноста на постапката, односно за да не отпочнат постапките од почеток и за да не се зголемат трошоците на постапката. Станува збор за веќе воспоставена судска пракса, така што ако овој поротник не биде разрешен од Судскиот Совет,тоа не би претставувало исклучок како што се сака да се претстави во јавноста”, реагира Судот.

    Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски на денешното судење за случајот „Талир“, каде што тој е претставник на обвинетата ВМРО-ДПМНЕ, побара да му прекине мандатот на судијата поротник Митко Сандев, бидејќи имал наполнето 60 години. Истовремено, Арсовски тврди дека судијата поротник е член на партија и поради тоа треба да биде изземен.

    Ако Судскиот совет донесе таква одлука, судењето треба да почне отпочеток.

    Судењето за „Талир“ за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и за перење пари почна во јануари 2019 година и рочиштата постојано се одложуваат. Обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски и уште две физички и едно правно лице, партијата ВМРО-ДПМНЕ.

    За овој судија поротник зборуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред два дена, кога кажа дека преку него се држат замрзнати ресурсите на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на локалните избори.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира