Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени на Михаил Гаревски, ги правел новите испитувања на Универзална сала кои ги нарача министерот за култура Зоран Љутков. Гаравски беше ангажиран и првиот пат кога изгоре салата. Но, за разлика од првиот пат кога испитувањата на Гаревски покажаа дека нема оштетувања на металната конструкција и ќе се сменат само шест елементи кои биле набабрени, сега во извештајот е наведено дека е потребно појачување на конструкцијата.
САКАМДАКАЖАМ.МК го праша министерот Зоран Љутков како е можно резултатите од испитувањата да се различни, а ги прави истиот Институт предводен од Гаревски и како може да се верува сега на резултатите од извештајот.
„Можеби е процес, поминала една година од едното испитување до другото, салата беше оставена на надворешни влијанија. Ние распишавме јавна набавка, можеше да се пријави и никој друг, но се пријави само Институтот на Гаревски. Ние можевме да го поништиме повикот и да чекаме уште многу време или да продолжи изградбата“, рече министерот Љутков.
- НЕМА ОШТЕТУВАЊА ОД ПОЖАРОТ НА МЕТАЛНАТА КОНСТРУКЦИЈА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА, НО СЕПАК ЌЕ СЕ СМЕНАТ 6 ЕЛЕМЕНТИ КОИ СЕ НАБАБРЕНИ, ВЕЛИ ГАРЕВСКИ
- ПОТРЕБНО Е ПОЈАЧУВАЊЕ НА КОНСТРУКЦИЈАТА НА ОПОЖАРЕНАТА УНИВЕРЗАЛНА САЛА, ВО СЕПТЕМВРИ ЌЕ ПРОДОЛЖИ РЕКОНСТРУКЦИЈАТА, ВЕЛИ ЉУТКОВ
За Универзална сала направен е и нов проект во кој како што кажа министерот вклучени се сите забелешки од испитувањата за оштетувањето. Раскинат е договорот со фирмата изведувач „Универзал-Балкан“ која требаше да ја прави надворешноста на салата. Љутков вели дека договорот е раскинат спогодбено, односно нема да плаќаат пенали на изведувачот избран од претходното раководство туку само му се исплатени парите за она што досега го сработил на објектот пред пожарот.
„Деновиве ќе се распише тендерот за избор на изведувач кој треба целосно да ја направи салата односно не само надворешноста туку и внатрешноста. Нема измена на проектот, ќе изгледа онака како што беше презентирано“, рече Љутков.
Универзална сала треба да биде готова како што кажа Љутков до крајот на 2027 година и со тоа ќе биде во функција за проектот Скопје европска престолнина на културата 2028. За овој проект одвоени се 20 милиони евра, распределени во три години. За 2025 година наменети се 15.958 милиони денари, 360 милиони денари за 2026 и за 2027 година 450 милиони денари.
Универзална сала се запали на 9 април лани, само еден месец откако продолжија градежните работи за нејзина реконструкција. Почна да се реновира кон крајот на мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов во 2021. Со доаѓањето на градоначалничката функција на Данела Арсовска работите беа стопирани и две години ништо не се работеше. Потоа со одлука на Владата, Министерството за култура ја презема Универзална сала додека министерка беше Бисера Костадиновска-Стојчевска и се продолжи со реконструкцијата која беше стопирана поради пожарот.
Со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, министерот Зоран Љутков кажа дека Универзална сала била незаконски преземена од Град Скопје и оти со реконструкцијата ќе се продолжи кога ќе се надминат сите пречки.
Костадиновска-Стојчевска во октомври лани доби кривична пријава оти не распишала нов тендер за изградба на концертната сала. Пријавата е за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик, поради тоа што не спровела нова јавна набавка за реконструкција на Универзалната сала, туку ги презела обврските што ги имал Град Скопје пред преземањето од Владата. Пријавата до Основното јавно обвинителство Скопје ја поднесе Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција во координација со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги и Единицата за финансиски криминал.
А. АНТЕВСКА