На македонските граѓани од утре им се олеснува влезот во Италија, без разлика дали се вакцинирани против ковид-19, додека Германија се отвори уште вчера.
Како што објави италијанската амбасада во Скопје, од 1 до 31 март ќе биде доволно да се покаже дигитален ковид сертификат (потврда за вакцинирање или оздравување) или негативен ПЦР/брз тест плус формуларот ПЛФ.
Германската амбасада соопшти: „Од 27.02.2022 година Северна Македонија не е веќе класифицирана како област со висок ризик. Дигиталната регистрацијата за влез треба да се изврши само доколку во последните 10 дена пред влезот, во одреден период, сте престојувале во област, која во моментот на влезот, била класифицирана како високоризична или област со варијанти на вируси. Лица кои влегуваат од Северна Македонија моментално начелно не мора да бидат во карантин“.
За влез во Германија потребно е негативен ковид-тест, доказ за вакцинација или доказ за прележан ковид, без оглед на видот на транспортот и без разлика дали претходно престојувале во област со висок ризик или со варијанта на вируси.
Ова следува откако Европскиот совет неодамна препорача да се укине забраната за несуштински патувања за лицата од државите кои не се членки на ЕУ. Патниците мора да бидат вакцинирани најмалку 14, а најмногу 270 дена пред патувањето во ЕУ за да добијат дозвола за влез како вакцинирани лица. Исто така, дозвола за влез ќе добијат и лицата кои го прележале ковид-19 во претходните 180 дена.