Претседателот Ѓорге Иванов денеска ќе почне со консултациите за доделувањето на мандатот за состав на нова влада и треба да одржи поединечни средби со политичките партии, кои освоија пратеници на изборите на 11 декември, јави агенцијата „Мета“.
Од кабинетот на Иванов вчера потврдија дека средбите со политичките партии следуваат по состаноците што претседателот на државата ги имаше со претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски, и со евроамбасадорот Самуел Жбогар, вчера и завчера.
Засега нема официјални информации за времето кога се предвидени средбите, ниту дали сите партиски лидери ќе присуствуваат на нив.
На прашање на „Мета“ дали лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ќе оди на средба со Иванов, шефот на кабинетот на Ахмети, Артан Груби, кратко ни изјави „Ќе видиме подоцна“.
Од СДСМ велат дека до вчера попладне до партијата не стигнала покана од кабинетот на Иванов, а за најавените средби знаат од тоа што го прочитале во медиумите.
„Ако добиеме покана, секако дека ќе одиме“, велат за „Мета“ високи извори од СДСМ, кои додаваат дека она што тие го очекуваат од Иванов е да му го даде мандатот на Заев.