Претседателот Ѓорге Иванов во 14 часот ќе го прими лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Највисоки извори од СДСМ за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека Иванов испратил позитивен одговор до партијата, откако Заев официјално побарал средба со него, за да му ги однесе собраните 67 потписи за добивање мандат за формирање нова Влада. Терминот за средбата го определил Иванов, а на средбата се очекува да дојдат и уште неколку члена од претседателството на СДСМ.
Откако Иванов ќе се увери во писмената поддршка на лидерот на СДСМ од над 61 пратеник, се очекува да му го врачи мандатот и со тоа Заев и официјално да стане мандатар за формирање нова Влада.
Во меѓувреме, Демократската унија за интеграција времено го одложи најавениот состанок на претседателството, на кој требаше да одлучи дали ќе влегува во Владата на Заев, или нема да партиципира во власта, само ќе ја поддржи владата како малцинска.
Во ДУИ за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека првин ќе чекаат СДСМ да ги однесе кај Иванов потписите, да ја слушне и види неговата реакција и одговор, па дури потоа ќе седнат да одлучиваат за нивното учество во Владата на Заев.
С. К. Делевска