ИВАНОВ НА РОДИТЕЛСКА ВО ТУРЦИЈА, ЗАЕВ ЌЕ ПОЧЕКА СО ГАРАНЦИИТЕ

    ИВАНОВ НА РОДИТЕЛСКА ВО ТУРЦИЈА, ЗАЕВ ЌЕ ПОЧЕКА СО ГАРАНЦИИТЕЗаев оди по втора среќа кај Иванов, овојпат со потписите, но и со гаранции - Лидерот на СДСМ Зоран Заев на 27 февруари му го предаде ковертот со 67 потписи од пратеници на претседателот Ѓорге Иванов по што тој одби да му даде мандат за состав на Влада и кризата ескалираше. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов нема да се сретне со лидерот на СДСМ Зоран Заев наредниве денови за да ги прими гаранциите за унитарноста, бидејќи заминува за Турција, дознава неофицијалнo САКАМДАКАЖАМ.МК. Официјална изјава од кабинетиот на шефот на државата нема.

    Но Иванов, велат извори блиски до неговиот кабинет, не би требало да го испушти рокот од десетте дена за одлука за доделувањето на мандат на Заев, бидејќи од Турција се враќа во недела.

    „Се работи за претходно планирана приватна посета, бидејќи претседателот како родител е поканет на настан поврзан со активностите на неговиот син Иван, кој ќе се случува на универзитетот во Турција каде што студира“, велат нашите извори.

    Лидерот на СДСМ Зоран Заев кој го бара мандатот за нова влада од Иванов, се понуди да го посети Иванов сам, а ако треба и со лидерите на ДУИ, Беса, Алијанса за Албанците и ДПА, со кои го формираше новото парламентарно мнозинство, за да го убедат уште еднаш дека гарантираат унитарност и соживот во Македонија.

    „Добив согласност и од лидерите на ДУИ Али Ахмети и на Алијанса за Албанците Зијадин Села, а ќе се видам и со Билал Касами, и целта е ние лидерите на партиите зад кои стојат 67 потписи да изразиме подготвеност да го посетиме Иванов во неговиот кабинет. Целта ни е да му потврдам и да му го гарантирам од мое и од името на сите наши коалициони партнери, сето она што наводно беше негова загриженост, а тоа е унитарноста на државата, почитувањето на Уставот, нашето мултиетничко општество, реформите и економските перспективи и сето она што беше можна дилема или изговор. Сите се за план со кој ќе му помогнеме на Иванов да има причини за да се даде мандатот. Се надевам дека оваа средба ќе биде во почетокот на идната седмица“, изјави Заев.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира