Обвинетиот ексначалник на УБК Горан Грујевски, кој не учествува во судењето за масовното незаконско прислушување во „Тврдина-Таргет“ на СЈО, со фалсификат ја уништил опремата од три уреди на УБК со која претходно тој и раководството на УБК прислушувале илјадници граѓани без судски налог.
Сведокот на денешното судење Звонко Костовски, пред Основниот суд Скопје 1 кажа дека Грујевски го фалсификувал токму неговиот потпис.
За дописот кој денеска му го дадоа в рака обвинителите Артан Ајро и Трајче Пеливанов, инженерот Костовски рече дека е чист фалсификат. Дописот, наводно, Костовски го пратил до Петтата управа во МВР и со него тој наводно бара од началникот Горан Грујевски опремата за прислушување да биде расходувана.
„Овој документ не е мој. На втората страница потписот е мој, но првата и втората страница се со различен фонт. Различен е и печатачот на кој бил печатен документот. На првата страница буквите се задебелени во споредба со втората страница“, го анализираше Костовски документот за уништување на опремата за прислушување и додаде дека линијата онаму каде што пишува строго доверливо на првата страница е пократка од линијата на втората страница и дека двата листа од дописот се различни.
„Евиденцискиот број е внесен со мастилно пенкало. Секретарката користеше хемиско обично пенкало“, го разоткриваше Костовски фалсификатот.
„Овој документ го немам изготвено јас. Втората страна е искористена од некој друг документ кој јас своерачно сум го потпишал“, рече Костовски.
За масовното прислушување и за бесправно уништување на трите уреди за прислушување обвинети се тогашниот директор Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, избеганите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, Тони Јакимовски и шестмина вработени во УБК кои по телефон давале наредба да се впишуваат броеви на граѓани, а дел од нив и прислушувале.
Судењето продолжува на 26 март, но судијката Џенета Бегтовиќ даде плус уште два термина, на трети и на 19 април 2019.
По судењето обвинетиот Мијалков беше однесен назад во затворот во Шутка.
С. К. ДЕЛЕВСКА