Судскиот совет денеска избра 4 граѓански судии за Апелациониот суд Скопје, но Елизабета Настов од Основниот граѓански суд Скопје, највисокорангирана, не помина.
Александар Шопов од Основниот суд Велес, познат како „соговорник од правото кој те поттикнува”, како што рече членката на Судскиот совет Антоанета Димовска, беше првиот избран од листата за граѓанскиот оддел во Апелациониот суд Скопје.
Натаму, Ирена Костадинова-Ангелова од Граѓанскиот суд Скопје, треторангирана, ги доби сите 12 гласа во Судскиот совет. Од прворангираната Настов, предност и беше должината на судискиот стаж и повеќегодишно потпретседателствување со Граѓанскиот суд Скопје. Таа водела вонпарнична постапка.
Наталија Донева од Граѓанскиот суд Скопје, за која беше речено дека е пандан на Шопов по ангажмани и правничко надградување, беше избрана со 10 гласа „за”. Таа е судија од стопанска материја, т.е. од трговското право.
Софија Спасова-Медарска, високорангирана, но одлуките, пресудите, ги изготвувала од три месеци па нагоре, а рокот е 15 дена.
За ова судијата Антоанета Димовска извади докази за пречекорени рокови во 40 предмети, по што членовите Тања Чачарова и Лорета Георгиева ја искараа зошто тоа го направила јавно на седница.
Судијката не ја доби поддршката.
Следниот на ранг-листата Илир Сулејмани, кој беше судија 4 години, но и претседател на најголемиот суд во Македонија Граѓанскиот суд Скопје 8 години, со 11 гласа беше исто така избран за Апелација.
Со тоа заврши пополнувањето на 4-те слободни „граѓански” места во најголемиот апелационен суд во државата, но и најупразнет за судии.
За 4-те слободни места во Апелационен суд Скопје, се пријавиле 21 основен судија.
Комисијата која ја составила кандидатската листа, ја водел членот Селим Адеми.
С. К. ДЕЛЕВСКА