Пратениците од мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ денеска на 12.000 македонски пензионери кои живеат во странство им го ускратија второто покачување на пензиите од 2.500 денари по она од лани во септември, а и наредните покачувања предвидени со законот. Тоа се 35 милиони денари (над 560.000 евра) заштеда на Владата на грбот на овие луѓе кои работеле во Македонија, стекнале право на пензија, но се преселиле во други држави.
Со додавање на дел од реченица:„и кои се исплаќаат во Република Северна Македонија“ во членовите 18 и 37 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, од зголемување на пензиите со законска интервенција засекогаш се лишуваат македонските пензионери кои работеле во Македонија и оствариле право на пензија, но се преселиле во други држави.
„Со оглед на тоа што имаме склучено билатерални договори со странските држави околу пензиските права на граѓаните, вие отворивте врата за реципрочни, исти вакви мерки за обратни ситуации, за наши граѓани кои стекнале право на пензија во странство и дошле, се вратиле тука да живеат. Освен да зборувате за ланскиот снег, вие сте тотално неспособна власт. Немате пари, а да ги исполните ветувањата и ова им го правите на граѓаните“, остро реагираше пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ.
Таа од собраниската говорница апелираше пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, да не лажат дека денешните измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување се за новите 2.500 денари линеарно покачување на пензиите, кое почнува од денеска.
„Немојте да им верувате. Уште летото беа изгласани, како септемвриското, така и мартовското покачување. Нема пари за сите покачувања, па го смислија ова. Плус, се менува друг член само за да се упростат критериумите за избор на директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, зашто кадрите од коалицијата не исполнуваат услови, па кандидатот ќе треба да се бара надвор од партиите“, критикуваше Тренчевска.
На ова, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, кој деновиве е многу критикуван дека се противи на зголемувањето на минималната плата, излезе на говорница и почна да ѝ зборува на Тренчевска дека била неспособна министерка за труд и социјална политика, дека ѝ се случи протест од пензионерите итн. Иако законските измени не беа за покачувањето, тој рече: „Ајдеее, со среќа пензионери да си ги трошите 2.500 денари покачување на пензиите од денеска“.
Тренчевска им рече на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ: „Ги исклучивте од законот тие што не гласаат за вас, што не ви требаат“. Тие од место ѝ довикуваа разни коментари, а и рекоа и „Ај, шетај!”.
Од септември 2025, пензиите повторно ќе се усогласуваат 50% според индексот на трошоците на животот и 50% според порастот на просечно исплатената плата, според Законот што го донесе претходно СДСМ.
Евидентирани се 12.000 пензионери кои се преселиле во Австрија, Германија, Србија, Словенија, Турција, Црна Гора, Косово, БиХ, Австралија, Хрватска и други уште 22 земји, кои нема да го имаат ни ова покачување.
Тренчевска по седницата рече дека донесените законски измени ќе ги оспори пред Уставниот суд, зашто со нив се уриваат уставните принципи за социјална сигурност и еднаков третман.
С. К. ДЕЛЕВСКА