ИЗЛЕЗЕ ПРВИОТ РЕЧНИК НА МЕДИУМСКАТА ПИСМЕНОСТ НА МАКЕДОНСКИ И АЛБАНСКИ ЈАЗИК

    ИЗЛЕЗЕ ПРВИОТ РЕЧНИК НА МЕДИУМСКАТА ПИСМЕНОСТ НА МАКЕДОНСКИ И АЛБАНСКИ ЈАЗИКВо Речникот има толкувања за над 700 поими од медиумско-комуникациската област. (Фото: ИКС)

    Излезе првиот Речник на медиумската писменост, дигитално издание во кое на македонски и албански јазик има толкувања за над 700 поими од медиумско-комуникациската област како медиумска писменост, комуникологијата, новинарство, лингвистика, филозофија, антропологија, право, економија. Ова е првиот ваков речник во Македонија и во регионот, а е нова алатка на Институтот за комуникациски студии (ИКС) и ИРЕКС, во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.

    „Со оглед на тоа што станува збор за специфична интердисциплинарна материја, во неговото креирање учествуваа 15 докажани теоретичари и практичари од различни области и образовни институции. Идејата е оваа публикација да се ажурира и да се збогатува со нови поими и во иднина. Денешната промоција е само почеток на еден сеопфатен и подолготраен процес“, кажа на промоцијата Емил Ниами, главниот редактор на Речникот.

    Александра Теменугова од ИКС го координираше создавањето на ова лексикографско издание што е прв сериозен обид за систематизирање на термините коишто се појавија во дигиталната ера и новите начини на комуникација, со развојот на медиумите и со појавата на нови алатки и активности во онлајн-сферата.

    „Целта на креирањето на оваа онлајн публикација е да се пополни празнината со којашто со години наназад се соочуваат медиумските професионалци, јазичарите, комуниколозите, наставниците, но и сите корисници на медиумите. Затоа го создадовме овој речник којшто има две главни карактеристики: интердисциплинарност и обид да се држи чекор со развојот на новите технологии, рече Теменугова.

    Михајло Лахтов, директорот на Проектот за УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ рече дека овој ресурс ќе служи како примарна јазична база за сите едукатори, наставници во основното, средното и високото образование, за новинарите, медиумите, учениците и студентите, родителите.

    „Кога креирате наставна програма за ученици од основно и средно образование, кога обучувате наставници, кога правите обуки за новинари, за студенти и млади луѓе, повеќе од потребно е да изградите унифицирана база на термини и клучни поими кои ќе се употребуваат во најразлични сфери, како на пример што е новинар, што е медиум, што е дезинформација, што е пропаганда и друго“, рече Лахтов.

    Речникот е достапен во форма на онлајн публикација на македонски и на албански јазик, а за секој термин е дадена и неговата англиска варијанта. Кај поголемиот број термини дадена е и дополнителна информација за нив (историски факти, функционални информации, фреквенција на употреба, стилски карактеристики), за корисникот да добие целосна претстава за самиот термин.

    Симона Груевска-Маџоска, редактор на Речникот и професор на Институтот за македонски јазик рече дека оваа публикација е од огромно значење за домашната лексикографија.

    Се обидовме да го исцрпиме што повеќе посточекиот лексикографски корпус, но и да го осовремениме земајќи ги предвид околностите коишто ги диктираат современите комуникациски и лингвистички процеси“, рече Груевска-Маџоска.

    Сефер Тахири, кажа дека овој ресурс е навистина корисен за академската заедница, особено што толкувањата се адаптирани со примери на албански јазик. Во групата автори учествуваше и средношколецот Лука Павиќевиќ, кој рече дека неговото учество е со цел овој Речник да ги содржи и поимите коишто го одразуваат современиот комуникациски код својствен на новата генерација „милениумци“.

    Во групата автори се и Мишел Павловски, Сеад Џигал, Соња Трајковска, Жанета Трајкоска, Гордана Алексова, Татјана Б. Ефтимоска, Tамара Ќупева, Демуш Бајрами и Марина Костова.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира