Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека владејачките партии СДСМ и ДУИ се виновни за она што се случува со Македонија денес, а не ЕУ, и рече дека излезот е избори и мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во парламентот како гаранција дека Македонија ќе го врати загубеното, во денешното обраќање во струшкото село Ташмаруништа по повод празникот Илинден. Тој, исто така, ја обвини власта дека не сака да го чуе мислењето на народот, со тоа што го отфрла референдум. Мицкоски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи промена на уставот за вметнување на Бугарите во него.
„Излезот е избори и мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во парламентот како гаранција дека Македонија ќе го врати загубеното. Тоа е единствениот пат. А, колку реално им значи народот се гледа по тоа колку прифаќаат да го чујат неговото мислење. Референдумот за отфрлање на асимилацијата која тие ја прифатија, е добра можност оваа елита да покаже колку го вреднува ставот на народот дури и тогаш кога поинаку мисли од него. Бегството од референдум на владата е бегство од народот и доказ за тоа колку големо предавство прават на својата земја и на својот народ. Референдумот е огледалото на нивната немоќ, на нивниот морален хазард, и за тоа како бегајќи од референдум сакаат преку трупа, жедни преку езеро, на мала врата да го пренесат народот без да имаат обѕири за тоа каква катастрофа прифаќаат. Јавно повикувам да поддржиме референдум, сите заедно да повикаме и на народот да му дадеме шанса да донесе одлука. И сакам тука да потенцирам уште еднашка по кој знае кој пат, народот да биде спокоен, без оглед на тоа што ќе смисли оваа власт како опструкција или отпор за референдумот, гаранцијата, блокадата и чувањето на уставот од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се факт и тоа останува. Нема промена на Уставот под овие околности, по ниту една цена“, рече Мицкоски.