ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНО АНГАЖИРАЊЕ НОСАТ БОРБА ПРОТИВ СИВАТА ЕКОНОМИЈА И ПОГОЛЕМА СИГУРНОСТ ЗА РАБОТНИЦИТЕ, ВЕЛИ ГЕРМАНСКОТО ДРУШТВО ЗА МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА

    ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНО АНГАЖИРАЊЕ НОСАТ БОРБА ПРОТИВ СИВАТА ЕКОНОМИЈА И ПОГОЛЕМА СИГУРНОСТ ЗА РАБОТНИЦИТЕ, ВЕЛИ ГЕРМАНСКОТО ДРУШТВО ЗА МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКАПензионерите, студентите, и лицата во социјален ризик ќе можат формално да бидат работно ангажирани без да ги изгубат стекнатите социјални и здравствени придобивки. (Фото: К. Попов)

    Со дополнувањата на Законот за работно ангажирање на лица, со кои се овозможува да работат пензионери, студенти и странци, се  носи можност за излегување од сивата економија и поголема сигурност за многу работници во земјава, вели Давид Оберхубер, директор на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Изработката на овој закон беше поддржана од проектот „Подобри услови за вработување за сезонските работници во Северна Македонија“, финансиран од Германското федерално министерство за економска соработка (БМЗ) и спроведен од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП).

    Со дополнувањата на Законот, усвоен вчера во Собранието, работно ангажирано лице може да биде лице кое не е во работен однос, вработено лице, самовработено лице, лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос, студенти, корисник на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот, како и странец кој има регулиран престој согласно закон.

    Според ГИЗ, со Законот за работно ангажирање на лица се поставува формална рамка за препознавање и заштита на илјадници лица ангажирани за сезонска, привремена или повремена работа кои се надвор од системот за правна и социјална заштита.

    „Лицата ангажирани во секторите земјоделство, угостителство, туризам и услугите во домаќинството, традиционално се соочуваат со несигурни работни услови, без потпишани договори, платено боледување или родителско отсуство, здравствено осигурување, или додатоци на платата. Овој Закон нуди поедноставено работно ангажирање, заштитувајќи го воедно пристапот до стекнатите права од системот на  социјална заштита или други права како пензија, надоместок по основ на невработеност, или стипендии“, вели Оберхубер.

    Извршната директорка на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) Скопје, Марија Ристеска вели дека овој закон, изработен како школски пример за како се развива јавна политика на основа на докази, „нуди можност за брза и лесна пријава на работниците, проширувајќи го пристапот на работодавачите до работна сила која во моментов недостига на пазарот на трудот“.

    Агенцијата за вработување на Македонија ќе биде задолжена за управување со информацискиот систем за пријава и одјава на работно ангажираните лица, додека даноците и другите давачки ќе бидат спроведени преку Управата за јавни приходи.

    Прилагодувањето на информацискиот систем ќе се реализира со донаторска поддршка од Германската развојна соработка.

    Законот за работно ангажирање на лица воедно вклучува строга заштита за превенција од злоупотреби, вклучувајќи и ограничувања на времетраењето на ангажманот, како и рестрикции против користење на повремената работа како замена за редовно вработување. Овие мерки обезбедуваат фер и флексибилен пристап за работодавачите при зголемена потреба за ангажирање сезонски работници, заштитувајќи ги истовремено достоинството и правата на работниците.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира