Измените на Законот за референдум немаат никаква врска со преговорите за името, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Оливер Ристовски, заменик министер за правда. Тој вели дека се прави само техничко усогласување со Изборниот законик и Законот за судови.
„Ќе прекинеме со процедурата за измена на Законот за референдум, за да не се наштети на преговорите за името, иако тоа нема никаква врска“, вели Ристовски. „Се планираше само да се направи усогласување на Законот за референдум со Изборниот законик, бидејќи според Законот за референдум кој е порано донесен, приговори се поднесуваат до Врховниот суд, а според Изборниот законик приговори се поднесуваат до Управниот суд. Само се планираше да се испеглаат технички работи, суштината на Законот за референдум не се менува“, вели Ристовски.
Владата го повлече предлогот за измени на Законот за референдум откако денеска повеќе медиуми објавија дека Министерството за правда подготвува измени на Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, а владините служби не дадоа прецизни податоци што е планирано да се менува. Таа вест предизвика серија реакции на социјалните мрежи поврзувајќи ја оваа иницијатива со актуелните преговори за името и евентуалната организација на референдум.
На страницата на ЕНЕР (Електронски национален регистер на прописи), утринава беше објавено дека се предвидува да се направат измени на Законот за референдум по скратена постапка. Предлогот е веќе повлечен.
Г. ТРПЕНОСКИ