Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска во Брисел го усвои Предлог-извештајот за Македонија за 2023 и 2024 година, подготвен од известувачот за земјава, австрискиот европратеник Томас Вајц. Извештајот треба да биде усвоен и на пленарна седница на Европскот парламент закажана за периодот од 7-10 јули во Стразбур.
„Денес го усвоивме првиот извештај за Северна Македонија од 2022 година во Комитетот за надворешни работи. Горд сум на целата напорна работа што беше вложена во наоѓањето компромиси за да можеме да го донесеме овој добро избалансиран извештај со широко политичко мнозинство. ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме моменталниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување“, соопшти Вајц по усвојувањето.
Извештајот требаше да биде ставен на гласање на 4 јуни, но беше одложен на барање на Вајц поради притисоците од бугарските европратеници, кои не се согласуваа со тоа што во дoкументот децидно се наведуваат македонскиот јазик и идентитет. Вајц во образложението на предлогот нагласи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.
„Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето по овој извештај за 24 јуни“, рече на 4 јуни Вајц.