ИЗВРШИТЕЛИ ЈА ПОПИШУВААТ ОПРЕМАТА НА ФЕНИ, ОД КОМПАНИЈАТА ВЕЛАТ ДЕКА ВРАБОТЕНИТЕ НЕ СЕ ЗАГРОЗЕНИ

    ИЗВРШИТЕЛИ ЈА ПОПИШУВААТ ОПРЕМАТА НА ФЕНИ, ОД КОМПАНИЈАТА ВЕЛАТ ДЕКА ВРАБОТЕНИТЕ НЕ СЕ ЗАГРОЗЕНИДел од опремата на компанијата поради долгови е попишан од извршители за да не може да се продава. - Известување од извршител залепено во „Фени индустри“; Фабриката за фероникел во Кавадарци

    Кавадаречката фабрика „Фени индустри“ е излепена со известувања од извршители и еден од нив, Ангел Костадиновски, за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека деновиве попишал дел од опремата на компанијата поради долгови за да не може да се продава, а по него тоа го сториле уште двајца други извршители.

    Според извори од компанијата, „Фени индустри“, која произведува фероникел, веќе две години има проблем со ниската цена на металот на светската берза, но металуршкиот комбинат не е пред затворање и вработените, околу 800, засега не се загрозени.

    „Од април 2015 година берзанската цена на никелот е пониска од нашата производствена цена, во тоа е проблемот. Цената на никелот континуирано паѓаше во изминатиот период и долговите се акумулираат. Платите се исплаќаат редовно со евентуално задоцнување од два до три дена, но не се отпуштаат работници. Се уште не се доведени во прашање работењето на компанијата и егзистенцијата на вработените. Се надеваме дека ова е привремено и дека брзо ќе се реши ситуацијата“, вели нашиот извор.

    На прашањето поради кои обврски влегле извршители во фабриката, ни беше одговорено дека тоа се долгови кон добавувачи.

    Сопственикот на Фени индустри, Израелецот Бенџамин Штајмнец минатиот месец беше уапсен во Тел Авив по потерница од романските судови, кои го бараат за измама, корупција и перење пари во Романија.

    Нема информации дали проблемите со кавадеречкиот гигант се поврзани со неговото апсење.

    С. ДАРУДОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира