Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, обвинета дека по барање на избеганиот началник Горан Грујевски одобрила да се уништи опремата на УБК за прислушување, за да се скријат доказите за масовното незаконско прислушување, денеска сведочеше дека за опремата за која таа ставила потпис да се здроби, првпат слушнала дека е уништена од СЈО.
Со Јанкулоска денес всушност почна сведочењето на обвинетите во „Тврдина-Таргет”. Во март на обвинетиот Сашо Мијалков му застарува делото за влијание врз обвинетите Горан Грујевски и Тони Јакимовски за „ослободување” од скапата опрема за прислушување.
„Јас како што гледате сум потпишана на тоа решение за уништување на опремата. Рутински било кај мене проследено на потпис, без забелешки, усогласено, и јас рутински сум го потпишала”, се брани Јанкулоска.
Уште на почетокот, на прашање на нејзиниот адвокат Љупчо Шврговски, таа кажа дека членовите на комисијата која одлучувала ја имале одговорноста да ги гледаат деталите и да внимаваат сè да биде по законот.
„Предлагачот за формирање комисии во МВР самиот ги определува нејзините членови”, рече таа.
Предлагач за формирање комисија за експресно дробење на опремата откако тогашната опозиција во 2015 година почна да ја пушта колекцијата од незаконското прислушување од 2008 до 2015 година, е Горан Грујевски. Но, тој никаде не е потпишан, како ни Мијалков, туку таа привилегија му припаднала на шефот на кабинетот на Мијалков, обвинетиот Тони Јакимовски.
Извештајот за уништената опрема Јанкулоска го добила на 11 мај, кога физички не ни била во МВР, поради вооружената престрелка во Диво Насеље, кога загина група припадници на полицијата. На 12 мај 2015 година веќе си поднела оставка.
Но, на 14 септември лани, Весна Доревска, помошник- министер за правни работи кажа дека токму по наредба на Јанкулоска била формирана таквата комисија, иако од правниот сектор биле враќани нејзините и емисарите што ги праќал Грујевски.
„Од 16 март 2015 година бев на годишен одмор. Но, претходната недела ми се јави Горан Грујевски да ми кажа дека сме требале да донесеме решение за формирање комисија за уништување на опрема на УБК. Ми укажа дека ни било упатено такво барање, ама не сме постапиле. Побаравме, такво барање кај нас, немаше. Тука застана работата со нас. На 16 март 2015 година отидов на годишен одмор, се вратив на 23. Грујевски доставил такво барање. Бараа нешто што не е наша надлежност. Со мој потпис во отсуство, на 17 март, предметот го вратиле колегите назад во УБК, со барање за појаснување. Во нивното барање навеле доверливи акти на кои се повикуваат, а воопшто не беа ставени во прилог. Немаше ни каква, ни чија опрема…”, сведочеше на 14 септември Доревска.
На 23 март 2015 година повторно и се обратил сега избеганиот Грујевски.
„Ми кажа дека ако не се заврши таа работа, тој ќе биде виновен. Дојде и негова колешка. Во ходник направи сцена. Ја пратил Грујевски. Рече до вечер да биде готово! Ѝ кажав дека не може таа да ми наредува”, рече Доревска и додаде дека сепак го направиле решението за комисија така како што барале од Петтата управа и им го пратиле.
Доревска тогаш во судница го извади предметот и прочита што напишал нејзиниот колега:
„Решението е изготвено врз основа на насоки од министерот за внатрешни работи”.
Потпишан бил обвинетиот Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на обвинетиот директор на УБК Сашо Мијалков.
Доревска на прашање на одбраната кажа дека Јанкулоска не била потпишана на барањето, но била потоа потпишана на решението на комисијата за да ја уништи опремата со која се прислушувале стотици и стотици граѓани од 2009 до 2015 година, за да се скријат трагите.
Во овој предмет за злоупотреби на системите за прислушување во УБК, но и за нивно уништување откако почна СДСМ да ги објавува прислушуваните разговори, покрај Мијалков, Јанкулоска, Грујевски и Јакимовски, обвинети се и началничката Надица Николиќ, Никола Бошковски, како и уште 5 нелегални прислушувачи од УБК. Со пасошот на едниот од нив, на обвинетиот Владимир Варелов, неговиот тогашен шеф Горан Грујевски избега во Грција.
С. К. ДЕЛЕВСКА